Театарска премиера на „Илузии“ онлајн: Преплетена љубов во виртуелен театар

Независниот „Вондерленд театар“ (Wonderland Theatre) ја прикажа својата прва театарска премиера во виртуелниот простор, поставувајќи ја на Јутјуб претставата „Илузии“, работена според мотиви од истоимената драма на современиот руски писател Иван Вирипаев, а во режија на Нела Витошевиќ.

Трагајќи по нови форми на театарската уметност, во време кога пандемијата на коронавирусот ги прекина сите креативни процеси и ги затвори сите културни установи низ целиот свет, мала екипа театарски професионалци одлучи да се впушти во виртуелниот простор.

– Секое време има свој пулс и тој пулс не треба да се негира. Овие околности ми кажуваат дека мора да направиме нешто онлајн, бидејќи во спротивно ќе го оставиме театарот да замре, а театарот во ова време мора да ја најде својата форма, макар таа форма била и онлајн. Важно е да го искористиме целото наше театарско искуство и да експериментираме во виртуелниот простор, кој е помалку познат за сите нас. Може нема да останеме засекогаш во тој простор, бидејќи комуникацијата и привилегијата што ја имаме со публиката во театар се незаменливи, но овие искуства што сега ќе ги стекнеме би можеле да ги користиме и на театарската сцена – објасни режисерката Нела Витошевиќ за актерите, но и за публиката што ја следеше онлајн премиерата.

Предизвикот да учествуваат во виртуелната претстава го прифатија актерите Драгана Лошкова, Ивана Павлаковиќ, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ. Користејќи го театарскиот пристап, но и сопствените мобилни телефони за влез во виртуелниот простор, екипата создаде претстава што ги отвора темите на љубов, неверство, отуѓеност на луѓето, како и празнотијата и минливоста на животот.

Станува збор за две брачни двојки, кои педесет години се заедно, но дури пред смртта, во своите 80-ти години ја откриваат својата љубов, но и тајни што биле преплетени во нивните животи. Карактерите се оформени, монолозите се јасни, а нарацијата е оправдана.

Театарскиот видео-експеримент делува привлечно и магично, лесно ве вовлекува во приказната и цврсто ве држи во текот на целата претстава. Креативната монтажа на Васил Христов го насочува вниманието кон актерите, а музиката на Огнен Анастасовски создава амбиент што ги носи нивните емоции.

Претставата трае 50 минути, а минува додека да трепнеш. Режисерката Витошевиќ, позната по своите афинитети кон постдрамскиот, сега веќе може да се каже и посткарантинскиот, театар во претставата вметнува монолози за пролог и епилог од Хајнер Милер, додека меѓу сцените може да се слушне како размислуваат Томас Остермаер, Ричард Д. Шекнер, Мило Рау и Ане Богарт за животот со пандемијата сега и за театарот на иднината.

Меѓу другото, Остермаер на едно место кажува: Човекот се раѓа, живее и умира, но театарот се раѓа и умира со секое кревање и спуштање на завесата. Во виртуелниот театар нема завеса, но има други магични моменти што го повлекуваат гледачот. На пример, пред почетокот на онлајн премиерата чекав заедно со уште 130 други гледачи на Јутјуб да се појави најавната шпица. Во текот на претставата бројот на гледачи се искачи до 260, но само неколку часови по поставувањето на видео платформата, претставата „Илузии“ веќе имаше повеќе од 1.300 прегледи. Толку голема театарска сала во Македонија нема. Тоа е една од предностите на виртуелниот театар, иако останува фактот дека чувството на гледање претстава во театар е незаменливо.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 35, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот