17.8 C
Скопје

ТЕАТАРСКА ПРЕМИЕРА: „Мојот маж“ донесе храбар и искрен процес во Драмски театар

Шест раскази од збирката „Мојот маж“ на Румена Бужаровска, со концептот на режисерката Нела Витошевиќ, надградени со авторски монолози од актерската екипа ја прават драмската структура на новата претстава, која премиерно е изведена на 15 февруари во Драмски театар.

Поставувањето на текст од македонски автор на театарската сцена секогаш предизвикувало повисоко ниво на возбуда и поголеми очекувања од страна на публиката. Особено ако станува збор за автор, во овој случај, авторка, која веќе го има потврдено својот книжевен потенцијал и квалитет не само кај нас, туку и ширум регионот. Расказите на Румена Бужаровска досега го предизвикуваа интересот на книжевните кругови, но со претставата „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ женската перспектива кон горливите прашања во нашето општество ќе бидат отелотворени и на театарската сцена. За претставата е направена драматизација на шест раскази („Супа“, „Празно гнездо“, „Прељубник“, „Осми март“, „Гени“ и „Лиле“) кои се надградени со документарен материјал произлезен од авторските монолози на актерките.

– На некој начин претставата води дијалог со расказите на Бужаровска. Документарниот материјал произлегува од темите што се обработени во расказите. Со акцентирањето на темите се обидовме да нурнеме во нашите мисли и да трагаме низ нашата психа со намера да отвориме горливи прашања за нашето општество. Преку отворањето на некои ранливи точки, сакаме да проговориме за стигмите и табуата што се длабоко вкоренети во македонскиот конзервативизам и патријархат и на тој начин на искрен и реален начин да воспоставиме дијалог не само со расказите на Бужаровска, туку и со публиката – рече режисерката Витошевиќ за претставата „Мојот маж“.

Згуснатата драматизација на расказите ја направиле Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова-Петровска, а главниот фокус бил ставен на три клучни теми: промашен живот (во едно тотално депресивно општество); неверство (со обид да се открие од каде доаѓаат тие пориви); и грижа на совест (како универзална тема која се провлекува во, речиси, сите раскази на Румена Бужаровска).

Сцена од „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ во Драмски театар (Фотографија: Кире Галевски)

Актерската екипа во која се Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ, речиси во еден глас објаснува дека имале необичен и храбар процес во текот на подготовката. Предизвикот да „копаат“ низ сопствената психа и да извлечат материјал што ќе биде употребен во претставата актерите го прифатиле со искрен влог, свесни дека притоа се отвораат и соголуваат себеси и своите животи пред публиката. Таквиот храбар процес со вистински чувства е редок колективен чин што може да води кон искрена, различна, точна и емотивна претстава.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 18, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 февруари 2020 година)

Поврзани вести

Младата пијанистка Инес Неделковска беше прогласена за музичар на неделата

Тони Димков

Пијанистката Ана Велиновска ќе настапи на два фестивали во Швајцарија

Тони Димков

„Агро лидер“ објави книга со рурална поезија од српската поетеса Радмила Петровиќ

Тони Димков

„Антолог“ промовираше книга од новинарката Весна Дамчевска

Тони Димков

Објавена е новата книга „Солзите на сестра ми“ од Лилјана Зашова

Тони Димков

Националната галерија реализира амбициозна програма и во тешки времиња

Тони Димков

Остави Коментар