Театар за деца и младинци: Едноставна приказна за суштински нешта

Театарот за деца и младинци (ТДМ) на 26 декември премиерно ја изведе детско-играната претстава „Некој нека ми каже колку сум важен“ во режија на гостинката од Хрватска Слаѓана Килибарда со драматизација на Милена Деполо.

Текстот на современиот норвешки писател Ерленд Лу носи многу едноставна приказна. Возачот на виљушкар, Курт, го бара своето место во општеството со споредба на сопствената важност во однос на други професии. Во таа потрага најголема поддршка, но и поука, добива од својот тригодишен син Бад, кој во претставата се појавува во куклена изведба.

Во претставата играат Мики Анчевски, како Курт, заедно со Марија Ѓорѓијовска, Никола Наковски, Ненад Митевски и Ангела Димитрова, кои настапуваат со повеќе ликови. Младата екипа актерки и актери во ТДМ во претставата покажува дека одлично се снаоѓаат на мала сцена во секоја ситуација, можат да играат и машки и женски улоги, вешто комуницираат со кукли, знаат да ја одржат енергијата во текот на целата претстава и со тоа максимално да го привлечат вниманието на публиката концентрирано да ја следи нивната игра до крајот на изведбата. Најважно во нивната работа е што вешто успеваат од секој текст да ги извлечат најважните поуки и како порака да ги пренесат на публиката.

Режијата на Килибарда е ненаметлива и базирана на колективната игра на актерите, кои речиси во еден здив ја изнесуваат претставата на свои плеќи. Сценографијата, костимографијата и дизајнот на кукли во претставата се на Благовеста Василева, кореографијата и сценските движења се на Валентино Апостоловски, изборот на музиката е на Слаѓана Килибарда, а асистент на сценографија е Кирил Василев.

Со претставата „Некој нека ми каже колку сум важен“ беше заокружен креативниот процес во јубилејната година на Театарот за деца и младинци. Практично, одбележувањето на 30-годишниот јубилеј од основањето на ТДМ беше главниот мотив за работа во оваа пандемиска година. Екипата на театарот може да биде задоволна и горда на учинокот. Покрај сите пречки и ограничувања тие успеаjа да реализираат многубројни активности, видливи за публиката.

Монографија „30 години ТДМ – Сон што трае“

Покрај издавањето и промоцијата на монографија „30 години ТДМ – Сон што трае“, театарот учествуваше на три фестивали: на „Охридско лето“ со „Јованче и Марика“; на „Ристо Шишков“ во Струмица со претставата „Касета“; и на фестивалот „Малиот принц“ во Штип со претставата „Лакомата меца“.

На својата сцена ТДМ постави три нови претстави: „Облак во мала кутија“, прва претстава за бебиња во нашата земја, младинската претстава „Што е силеџија?“, како самофинансирачки проект на ТДМ, и најновата „Некој нека ми каже колку сум важен“. Во текот на целата година тие докажаа дека се важни.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 63, во новогодишниот број на печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 декември 2020 – 3 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот