Театар „Пи“ освои две награди на ФАТ 2022 во Софија

Театарот „Пи“ од Скопје, предводен од актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска, во период од 16 до 18 декември 2022 година гостуваше во Софија, Бугарија.
Тие гостуваа на софискиот Фестивал на авторски театар – ФАТ 2022 со претставата „Ништо не е страшно“ и освоија две награди во голема конкуренција на професионални театри, како „Сатиричниот театар Софија“, „Театар 199“, „Вокс попули“, „Театар Драмеди“ и други.
Првата награда е за најдобра режија за Златко Митрески и Македонка Илиевска за претставата „Ништо не е страшно“, а втората за синергија за актерската игра во истата претстава. Во претставата учествуваат лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП „Порака“ – Скопје.
ФАТ е еден од најавтентичните фестивали за авторски театар на Балканот, кој се одржува во Регионалниот центар за современа уметност „Топлоцентрала“ во Софија и е во организација на здружение „Творци“ и Театар „Драмеди“.
На фестивалот актерот Златко Митрески одржа театарски работилници за методот и начинот на создавање на авторски театар, како и проекција на документарниот филм на Театар „Пи“, „Прозорците што се смеат“.
Гостувањето на Театар „Пи“ се одржа благодарение на организаторите на ФАТ 2022, КИЦ на РСМ и д-р Сашко Насев, „Адора инженеринг“ од Скопје и претставништвото на „Витаминка“ од Прилеп во Софија, како и Градоначалникот на скопската општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.