ТЕ-ТО го демантира Чулев: Обвинувањето од Топлификација АД за лажен стечај е целосно неиздржано

Те-То ќе обезбедува дополнителни количини струја уште два месеци/ Фото: МИА

„Кривичната пријава дека ТЕ-ТО АД перело пари е отфрлена од Обвинителството за организиран криминал уште во декември 2019 година“, соопштија ТЕ-ТО.

Откако новиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев пред два дена соопшти дека по пријавата на ТЕ-ТО АД каде имало опсежна документација со сите инкриминирани дејствија, вклучително и стечаи на Топлификација, кои биле спроведени во рамките на таа компанија не е постапено и дека чека насоки од ОЈО, од ТЕ-ТО АД ја демантираа неговата изјава.

„Во целост ги демантираме наводите на Министерот за внатрешни работи г-дин Наќе Чулев искажани на прес конференцијата на 12.02.2020 година.

ТЕ-ТО АД достави целосна документација до сите надежни институции со која се докажува дека ТЕ-ТО АД работи согласно закон и ниту еден законски пропис не е прекршен. Еднострано прикажаните информации од Топлификација АД пред МВР не докажуваат дека во ТЕ-ТО АД има криминал, туку токму напротив тоа се лаги и манипулации со цел постигнување на незаконски интереси на менаџментот на Топлификација АД.

Кривичната пријава дека ТЕ-ТО АД перело пари е отфрлена од Обвинителството за организиран криминал уште во декември 2019 година.

Обвинувањето од Топлификација АД за лажен стечај е целосно неиздржано.

Постапката за реорганизација на ТЕ-ТО АД е спроведена целосно согласно законските прописи. Тоа е потврдено со решението на Основен суд Скопје 2 Скопје и решението на Апелациониот суд со кои се усвојува планот за реорганизација на компанијата, а во кој процес Топлификација АД ги даде истите забелешки кои ги наведе и во кривичната пријава против ТЕ-ТО АД.

Нагласуваме дека целокупната документација поврзана со стечајот и реорганизација на ТЕ-ТО АД ја анализираа врвни експерти од областа на правото кои изработија правно мислење со кое се потврдува дека ТЕ-ТО АД во целост постапувало согласно закон.

Поради тоа, бараме да се престане со злоупотребата на ТЕ-ТО АД во политички цели во предизборен период и да се остават надлежните институции без притисок да ја завршат својата работа“, соопштија од ТЕ-ТО АД.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот