„ТЕ-ТО“ беше во стечај, а сега е рекордер по неплатен данок на добивка?!

Друштвото за производство на електрична енергија и топлина „ТЕ-ТО“ АД Скопје  има „мака“ со позитивниот финансиски резултат, не платило данок на добивка од 15,9 милиони евра со што се најде на првото место на листата на должници на УЈП. На листа на должници на УЈП од минатиот месец, „ТЕ-ТО“ беше далеку од рекордер и се наоѓаше на 455-то место со долг за данок од добивка од 246.500 илјади евра.

Иако сега има голем неплатен данок на добивка, пред само една година „ТЕ-ТО“  беше во стечај. Тогаш „Топлификација“ обвини дека централата „ТЕ-ТО“ сама на себеси отвора стечај за да го избегне долгот кон доверителите во кои е и „Топлификација“. Неодамна, пак, Финансиската полиција соопшти дека поднела кривична пријава за сомнеж за лажен стечај во „ТЕ-ТО“, но и за отворена истрага за сомнеж за перење пари од сомнителни трансакции во Русија.

Упатените објаснуваат дека минатата година стечајот на „ТЕ-ТО“ траел сосема кусо и во тој период биле отпишани дури 150 милиони евра, побарувања кон доверители, а истовремено бил усвоен нов план за реорганизација на компанијата со што таа продолжила да работи. Но според Законот за данок на добивка, за отпишаните побарувања треба да се плати 10 проценти данок. Оттука за отпишаните 150 милиони евра, „ТЕ-ТО“ ѝ должи на државата 15 милиони евра.

„ТЕ-ТО“ е дел од групацијата „Балкан енерџи груп“ (БЕГ), која на скопјани им ги испорачуваше сметките за парно греење. Оваа електрана, всушност, произведува дел од топлинската енергија што се испорачува во системот на централното греење.

Деновиве Град Скопје соопшти дека ја зеде во свои раце топловодната мрежа со која управуваше БЕГ.

За разлика од неплатениот данок на добивка, „ТЕ-ТО“ е во претплата за данок на додадена вредност и тоа во износ од 186.400 евра, така што нето-долгот на оваа електрана сега е околу 15,7 милиони евра, а минатиот месец бил 47.610 евра.

Според новата листа на УЈП, граѓаните и фирмите должат повеќе од  160 милиони евра за неплатен данок, или за 19 милиони повеќе од претходно објавената листа. На сегашната листа има 4.500 компании и граѓани.

Листата на УЈП се однесува за долгови достасани до 30 април и неплатени до 31 јули по основа на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот