Тажна вест: Почина доајенот на македонската совремна скулптура, Драган Попоски-Дада

Драган Попоски-Дада / Фото: Фејсбук, Ирена Стефоска

Денес на 88-годишна возраст засекогаш нѐ напушти доајенот на македонската современа скулптура, Драган Попоски-Дада, а тажната вест ја соопштија неговите колеги и соработници од Националната галерија.

– Неговите облици имаат конкретни инспиративни извори во природата и нештата што го опкружуваат, предадени се во вид на лесна стилизација, преку помалку или повеќе асоцијативни форми кои ги селектираат деталите до степен на минимализирање на нивната асоцијацитивност. Од друга страна, пак, неговите фигури се исто така суптилно стилизирани, со монументално чувство во внимателното градење на односот на масите, велат за неговите лик и дело од Националната галерија на Македонија.


Со објава на социјалната мрежа Фејсбук, и министерката за култура Ирена Стефоска се прости од Дада.

– Вечна слава за големиот човек, педагог и модерен уметник. Мајсторот кој го обликуваше прилепскиот „сивец“ во минијатурни или момнументални дела, кои остануваат непроценливо наследство за современата македонска уметност, пишува Стефоска.

Драган Попоски-Дада е роден во Прилеп, во 1933 година. Своето високо образование го завршил во Белград – Академија за ликовни уметности во 1961 и постдипломски студии во 1964 година. Како дел од својата кариера, работел и како професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Од 1965 година реализирал повеќе самостојни изложби и учествувал на бројни групни претставувања во земјава и во странство. Автор е на повеќе монументални дела и е добитник на повеќе награди, меѓу кои во 1981 година највисоката републичка награда „11 Октомври“.

Како што известуваат од Националната галерија, последен поздрав ќе се изврши на 29.9.2021 (среда) во 12 часот во капела на Градските гробишта Бутел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот