Тавилах за МИА: Колку повеќе луѓе ќе се вакцинираат, толку повеќе циркулацијата на вирусот ќе се намали, а со тоа и неговиот потенцијал за нови мутации

„Тешко е да се предвиди точниот датум кога вакцините од КОВАКС механизмот би пристигнале во Република Северна Македонија. Во едно неодамнешно соопштение, КОВАКС најави дека испораката на вакцините на државите-учеснички во механизмот би можела да почне за време на првото тримесечие од 2021 година, но дека тоа зависи како од поволните регулаторни одлуки, така и од подготвеноста на здравствениот систем и на националниот регулаторен систем во секоја од поединечните земји. Доколку нема проблеми во делот на регулаторните одлуки или во делот на подготвеноста на државата, намерата е првичните дози од вакцината да им бидат испорачани на сите земји-учеснички во КОВАКС механизмот истовремено или што поблиску до таа цел“.

Ова во интервју за МИА го истакнува д-р Џихан Тавилах, претставник на Светската здравствена организација во Република Северна Македонија. Таа потсетува дека СЗО одобри итна употреба на вакцината Pfizer Ковид-19 (BNT162b2) и посочува дека во моментов има 12 вакцини што се предмет на оценување за добивање одобрение за итна употреба, од кои три се во завршната фаза од оценувањето, а постојат уште две други вакцини кои во моментов се наоѓаат во фазата на доставување на потребните податоци до СЗО.

Зголемената циркулација на вирусот преку неговото ширење кај населението веројатно ќе резултира со повеќе мутации, а некои од нив може да имаат различни импликации. Затоа е важно луѓето да се вакцинираат кога вакцината ќе стане достапна. СЗО не препорачува вакцинирање на бремените жени. Според доказите со кои се располага во моментов, вакцинација со Ковид-19 може да се понуди без оглед дали лицето имало симптоматска или асимптоматска инфекција со SARS-CoV-2. 

Таа истакнува дека позната историја на алергиска реакција (на пр. анафилакса) на било која компонента од вакцината претставува контраиндикација. Според неа, вакцината BNT162b2 не треба да се дава на лица со позната историја на тешка алергиска реакција на полиетилен гликол, затоа што овој производ, кој е една од компонентите на вакцината, може да предизвика анафилакса.

Потенцира дека е важно и натаму да продолжиме со општите заштитни мерки за кои знаеме дека се делотворни против ширење на заразата, како што се миењето раце и носењето маска сè до моментот кога опфатот со вакцинација ќе биде таков што ќе почне да предизвикува „имунитет на стадо”, познат и како „имунитет на популацијата”, а на овој начин се обезбедува и индиректна заштита од заразна болест која се јавува кога кај одредена популација ќе се развие имунитет преку широкораспространета вакцинација.

На прашањето кога се очекува во државава да пристигнат вакцините против Ковид-19 преку Ковакс механизмот и зошто има застој во испораката таа вели дека КОВАКС претставува глобален механизам кој има за цел да обезбеди правичност во пристапот до вакцините против Ковид-19 за сите земји, како за богатите, така и за тие со помалку ресурси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот