ТАВ Македонија: Категорично ги отфрламе наводите дека наш вработен се обидел да го одземе телефонот на Вјоса Османи

Категорично ги отфрламе наводите дека наш вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот, регира ТАВ Македонија.

-Телефонот и’ беше побаран со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген. Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример, се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот. Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи. Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури- се вели во соопштението кое денеска го испратија од ТАВ Македонија во врска со вчерашниот инцидент на скопскиот аеродром.

Од кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи објавија дека обезбедувањето на скопскиот аеродром се обидело да ѝ го земе личниот телефон на претседателката, што е однесување „спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи“.

Инаку, Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово изрази загриженост поради синоќешниот инцидент што ѝ се случи на косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром, за кој вели дека почнало да собира информации за случајот.

 

Косовско МНР: Недостоинствен однос кон Османи на скопскиот аеродром

– Министерството за надворешни работи и дијаспора со загриженост дозна за инцидентот предизвикан на скопскиот аеродром во врска со недостоинствениот однос кон претседателката на Република Косово, Вјоса Османи. Министерството за надворешни работи и дијаспора, преку Амбасадата на Косово во Скопје, започна со собирање информации и уште од раните утрински часови бара официјални појаснувања од амбасадата на Северна Македонија во Приштина и од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија. Министерството за надворешни работи ќе ја информира јавноста за понатамошните активности, за да се расчисти оваа ситуација и да се погрижи во иднина да не се случуваат вакви инциденти во однос на шефовите на нашата држава – се вели во соопштението на косовското МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот