Таткото на 7-месечното бебе што почина е разочаран од Таравари и ќе ја тужи Детска клиника: Ме боли што не го хоспитализираа Дамјан во понеделникот

Таткото на 7-месечното бебе што почина откако не беше хоспитализирано на Детската Клиника во Скопје, Влатко Трпкоски за „Слободен печат“ вели дека е разочаран од министерот за здравство Арбен Таравари поради неговата денешна изјава дека „за среќа стручна комисија констатирала дека кај лекарите нема никаква лекарска грешка“ за смртта на бебето Дамјан.

-Јас детето го изгубив. Како може да кажува „за среќа“. Зошто не беше примено детето во понеделникот кога го однесов во болница со осип и блага температура и кога имаше шанса да се спаси, туку дури во средата? Зошто во понеделникот кога го однесов син ми не испитаа што му е, туку не испратија дома? Зошто не викнаа дерматолог, инфектолог? За пет дена ми го снема детето а министерот кажува „за среќа“.

Детето го нема, а кога имаше шанса да се спаси со терапија, не не примија во болница. Тоа ме боли. Планирам да ги тужам од Детска Клиника кога ќе го добијам наодот од обдукцијата кој уште не е готов. Не ме интересира дали постапката што ќе ја покренам ќе трае долго или кратко, јас морам да дојдам до одговорот зошто немаше специјалист од дерматологија и од Инфективна клиника во понеделникот кога го донесов син ми во болница, туку беше пуштен дома и ми кажуваат дека ќе му помине, изјави Тркоски за „Слободен печат“. 

Инаку министерот Таравари истакна дека нема одговорност од докторите за смртта на 7-месечното бебе кое почина на Детска Клиника во декември. Тоа го покажал извештајот од стручниот надзор кој Таравари го имал на увид.

-Извештајот пристигна и го видов уште во понеделникот. За среќа, професионалците констатираа дека докторите немаат никаква грешка, рече Таравари.

На прашањето зошто бебето починало, Таравари смета дека „можеби болеста си го направила своето“ или „можеби детето било подоцна донесено на Клиниката“.

Таткото пак, изрично негира дека станувало збор за доцно барање хоспитализација. Според него станува збор за непружање здравствена грижа, односно испишување на детето да се лекува во домашни услови без доволно да биде иследувано.

Бебето беше донесено на Клиниката за детски болести на 9 декември со симптоми на температура и осип. По прегледот било упатено на Инфективна клиника, на дерматовенерологија и на крвна слика во Детска Клиника. По добивањето на резултатите било испратено дома, со препорака матичен лекар да направи контрола.

Два дена подоцна, на 11 декември, детето повторно е донесено на Клиниката поради влошена клиничка слика и е хоспитализирано на Одделот за неврологија.

На 13 декември, поради влошување на состојбата, бебето било пренесено на Одделот за интензивна нега и терапија каде состојбата му била стабилизирана и потоа било вратено на Одделот. По неколку часа бебето било вратено на интензивна нега, каде му биле направени дополнителни испитувања, што укажале на тешка општа состојба на детето и вечерта на 15 декември починало.

Во извештајот што го направи Државниот здравствен и санитарен инспекторат, беше констатирано дека на Детска клиника наместо задолжително да присуствува специјалист во дежурната амбуланта, дежураат само специјализанти.

Изминатите месеци поради ова Клиниката беше казнета од ДСЗИ. Откако во јавноста се покрена прашањето за смртноста на Детската Клиника раководството го отфрли ова како злонамерна кампања. Но, политичката партија „Левица“ инсистира дека има проблем на Детска Клиника со смртноста. Директорот на Клиниката доктор Реџеп Мемеди неодамна истакна дека има системски проблем со недостиг на кадар а дека 40 лекари специјалисти си заминале од Клиниката за 15 години или поради пензионирање или во приватното здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот