Татиниот математичар, „дипломатските победи“ и неодговорените прашања

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Татиниот математичар, кутриот, изолиран, можеби и повеќе отколку што беше неговиот газда, од безначајни состаноци со кој било амбасадор прави спектакл. Нема да ме зачуди ако почне да раскажува како му намигнуваат, како што се фалеше еднодеценискиот узурпатор на претседателската функција дека му намигнал Обама. Гледам, во последно време се обидува и да се смешка.

Порано, кога Груевски ќе се сретнеше со некој амбасадор, колку и да е тој важен или неважен, заинтересиран или сосема рамнодушен за нашата земја, Латас, Ивонче Милионче, цел „Канал 5“, Јадачот, Козарот, Смрдлата и други смрдливци и мрсулковци – аѓутанти, од тоа правеа настан на денот.

„Дипломатските победи“ на криминалците веќе не се прва и најважна вест на ТВ-екраните. Наместо тоа, нашата земја стана светски пример за добрососедство и развивање на релациите со најдемократските и најважните земји во светот. Порано беше Мугабе, сега е Меркел и речиси сите други, не помалку важни светски лидери.

Едноставно, Зоран Заев ги подигна стандардите за воспоставување и одржување меѓународни односи до недостижни височини. Ако некогаш каква било блокада за нашата земја би поминала со само неколку случајни наслови во некое ќоше на страницата баш пред крстозборот во странските весници, сега е глобален проблем со кој се занимаваат врвните политичари, медиуми, аналитичари… И тоа за да го решат, а не да го забошотат.

Смешно и жално е да се гледа, просто Солза тргнува да капне, кога ќе се види како спорадичните дипломатски кафиња и намигнувања се предмет на напорни соопштенија што се испраќаат, па дури и се објавуваат наоколу. А познато е дека меѓународната изолација на Груевски започна, отпрвин срамежливо, а потоа сѐ поотворено, уште по почетокот на офанзивата на режимот против медиумите во 2010 година. Тоа е годината кога за само една ноќ, со специјални полициски сили, режимот затвори една приватна телевизија (А1) и три дневни весници. Потоа следуваа тешки години, апсења (Кежаровски), неразјаснети или прикриени убиства, корупција (што трае) на медиумите. Во меѓувреме, меѓународната изолација на Фамилијата продолжи. Уште во 2014 година, нивните главни поддржувачи меѓу сестринските партии во Европа ја намалија или замрзнаа соработката и помошта. Сега, изолацијата е перманентна и дефинирана состојба во односите кон наследниците на бегалецот Груевски.

Сеедно, остана куртоазни средби со амбасадори да се прогласуваат за „дипломатски победи“ и да се злоупотребуваат во пропагандни цели.

Медиумското внимание за „дипломатијата“ на Мицкоски и неговата дружина не е мала, иако се ограничи на партиската веб-страница и на неколку телевизии и интернет пАртали. Не е за занемарување, но далеку од тоа да го има сјајот и обемот на некогашната агитпроп-машинерија на најбогатата партија во Европа.

Очигледно е дека Мицкоски го мачат повеќе работи. Првата е што неговата приказна не ја купуваат ни најверните (најлековерните) следбеници на Грујовата партија, од која ни В не остана од тоа што некогаш беше ВМРО-ДПМНЕ (какво и да беше). Секој ден се среќавам со ветерани од неговата партија кои ми го потврдуваат ова. За жал, колку и да заслужуваат критики партиите и политичарите што се дел од власта, тињата во која потона ВМРО-ДПМНЕ уште со првата бомба што ја слушнавме во 2015 година, не ги прави сериозна политичка партија. Ама ни трошка.

Мицкоски полека прераснува во пример како не треба да се води кампања. Луѓето не се заинтересирани за ликови со плачлив тон, со изразени мрачни пораки, со говори полни со јад и чемер, со негативна енергија. Позната приказна е дека криминалот, насилството, тиранијата, на крајот, пропаѓаат сами од себе.

Така, и криминалот на ВМРО-ДПМНЕ сега го стега обрачот околу сопствениот креатор. Мицкоски сѐ уште не одговорил на непријатните прашања, а веќе се таложат нови. Хидроцентралите, судирот на интересите на секој чекор што го правел и го прави, сомнежите околу тајната комуникација и испораките поврзани со Груевски и со Гајсер, поврзаноста со погрешно наречениот случај „Рекет“, блокирањето на правосудните реформи, антизападната кампања, линковите со радикалната десница, финансирањето на ботовите… Сето тоа се прашања што стојат отворени и на кои „одговорот“ се сведува на бескрајни плачливи и мрачни тиради за „хунтата“ на Заев, по плоштадите на македонските градови на кои излегуваат само по 20-30 најупорни следбеници…

А дојде и сметката за 400.000 евра што ги должат за претседателската кампања на нивната кандидатка Гога. На сите милијарди што ги искрадоа, останаа должни „ситни“ 400.000 евра! Ама, тоа им е во навика. И во 2011 година имаа „мањак“ од три милиони евра. По ова и многу други скандали и криминали, само наивните можат да се чудат зошто Мицкоски и неговата „армадила“ (негов израз што не постои на ниеден јазик) го нападнаа СЈО и го блокираат законот за јавно обвинителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот