Таргет на Ел Чека е Ахмети, но и Заев, бидејќи го брани коалицискиот партнер

Кичевецот Ел Чека кој од САД објавува прислушувани разговори на социјалната мрежа Фејсбук, првично е насочен кон Али Ахмети, но подготвен е да се пресмета и со секој кој ќе застане во негова заштита, како што тоа го прави премиерот Зоран Заев, сметаат аналитичарите. Според нив, надлежните институции во земјава не треба да се заминаваат само со тоа што Ел Чека прави кривично дело со тоа што објавува нелегални прислушувани разговори, туку треба да проверат и дали во нив има индиции за кривични дела.

Џабир Дерала од „Цивил“ вели дека објавувањето на прислушуваните разговори е дел од пресметката на Ел Чека со Ахмети и луѓето околу него, но и на ние кои го земаат во заштита, како премиерот Заев.

– Овие разговори се нелегални и задираат во приватноста, но тоа што го слушаме упатува на многу сериозни кривични дела што ги прави Ел Чека, не само престапник, но и свиркач. Најважни се податоците и индициите што ги слушаме за тоа што се направил или прави Али Ахмети и неговата партија. Сметам дека постои индиција за многу сериозен криминал, и малку е чудно што институциите тоа го занемаруваат, туку остануваат само на тоа дека Ел Чека објавува нелегано прислушувани разговори  од кои некои се приватни. Паралелно, треба да се истражуваат двете работи и одговорноста на Ел Чека, но и содржината на разговорите – вели Дерала.

Не знаеме, додава тој, кој е точно Ел Чека и како е поврзан со сите засегнати страни, но сметам дека дејствува самостојно или има поддршка од помала група.

Како што беше објавено, Ел Чека е 28-годишниот кичевец Шеќерим Ахмети. Тој соопшти дека има 6.000 прислушувани разговори, кои му ги дал командант Соколи кој е еден од осудените за настаните во Диво Насеље. Снимките ги објавува од САД.

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека ставовите на Ел Чека се поблиски со оние на албанската опозиција, но дали е поврзан со нејзе не може да каже.

– Најголема политичка штета од ова може да претрпи Ахмети на следните избори. Анкетите покажуваат дека Алијансата на Албанците  е многу блиску до ДУИ – вели Муслиу.

Иако заканата му е сериозна, Ахмети излезе со политичка изјава дека не ги слуша разговорите, но праша зошто Ел Чека објавува само разговори за ДУИ.

– Но, како не се случи да се објават приватни разговори за членови на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, туку само за членови на ДУИ? Каде се другите разговори? Зошто се објавуваат приватни разговори само од членови на ДУИ? Мислам дека нашиот народ „не јаде трева“! Што направија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? Целиот процес го девалвираа – рече Ахмети.

На ова одговори и Заев кој од говорницата во Владата му се закани на Ел Чека дека ќе одговара за објавувањето на пруслушуваните разговори.

Засега е познато дека кичевското обвинителство поднесе обвинение против Шеќерим Ахмети односно Ел Чека, но ниту од таму, ниту од Специјалното јавно обивнителство не кажуваат дали ја испитуваат содржината на разговорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот