Таравари: Со антиалбанска реторика ВМРО-ДПМНЕ ќе остане без албански партнер по изборите

Арбен Таравари / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Со антиалбанската реторика, ВМРО-ДПМНЕ си наштетува себеси, бидејќи по следните избори нема да може да најде албански партнер за соработка, порача лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.

Таравари во гостување во емисијата „Аргумент“ рече дека со „антиалбанскиот вокабулар“, кој, според него, освен ВМРО-ДПМНЕ го користи и Левица, се создава една општа атмосфера дека Албанците се тие што ја кочат државата, дека сакаат да го сменат Уставот по секоја цена или дека се однесуваат како да се против Македонците.

За обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ кон партиите на Албанците, особено кон ДУИ и кон Алијансата за Албанците, Таравари вели дека оваа „руски контролирана партија“ има цел да го претстави во јавноста како радикален и корумпиран политичар.

„Имаат две цели со таа руска пропаганда – едната е да го претстават Таравари како радикален, како националист, шовинист, ултранационалист, а втората – дека сум корумпиран. Треба да знаат дека неколку пати сум кажал оти не сум човек што дозволува да биде уценуван и не можам да бидам корумпиран. Во моментот кога ќе ме уценуваат, нема да се занимавам со политика, одам во пензија“, вели Таравари

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ја искористила неговата изјава дека ако уставните измени не бидат изгласани ќе дојде до радикализација за да го обвини дека сака дестабилизација и војна.

Од Алијанса велат дека списокот што го објави Академијата за судии и јавни обвинители го докажува тоа што постојано го алармираат како партија.

„Последните случувања само ја потврдуваат потребата од реализација на нашите определби за реформи во правосудниот и обвинителскиот систем, законот за ветинг, реформирање на Академијата како императив, зголемување на транспарентноста, како и други промени кои ќе ја оддалечат политиката од правдата и правдата ќе ja врати во служба на законот и граѓаните“, велат од АА.

Од таму додаваат дека тоа ќе биде меѓу приоритетите на Алијанса за Албанците, а ги повикуваат и другите општествени и политички фактори сериозно и цврсто да се заложат до целосно осамостојување на правосудниот систем во државата. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот