Таравари: Преговори за влегување во Владата само под гаранции дека има 80 пратеници за уставните измени

Арбен Таравари / фото: скриншот

Алијанса за Албанците (АА) е подготвена да оди на предвремени избори во јуни или септември годинава, но само доколку добие гаранција од политичките субјекти, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе почне процесот за уставни измени, Во овој случај, партијата нема да влезе во Владата. Доколку, пак, добие гаранции дека може да се постигне бројката од 80 гласа, тогаш ќе почне преговори за влез во Владата, изјави вечерва лидерот на АА, Арбен Таравари.

Тој вели дека Алијанса за Албанците сѐ уште е опозициска партија и дека и натаму „сѐ во игра“. Во партијата има ставови за и против, а во петок, Централното претседателство ќе одлучи дали ќе станат дел од Владата.

Според Таравари, јасни се пораките од меѓународните претставници – дека уставните измени мора да се споведат, за земјата да се придвижи напред.

– Да влезеш во Влада со скандали е тешко и тоа може да ни се одрази на рејтингот, но некогаш граѓаните и општеството се побитни од партијата. Ако имаме гаранции дека може да се постигне бројката од 80 гласа, тогаш може да почнеме преговори, ако не, ќе размислиме и ние. Не сакаме да го рискираме нашиот рејтинг. Но, ги гледате пораките на сите релевантни чинители – сите велат добро е земјава заедно со Албанија да ги продолжи преговорите. Многу е неодговорно да речете „одиме на избори“. Пораките од меѓународниот фактор се „почнете ги преговорите“. Ако Владата потврди дека може да обезбеди 80 гласа, тоа е услов. Да направиме консензус дека го отвораме Уставот и тогаш да, да одиме на предвремени избори во јуни или септември, во таков случај не влегуваме во Влада. Значи, не би влегле во рискантен потег ако не се направат уставни измени. Ако имаме гаранција од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ги почнеме уставните промени, да ги поминеме двете фази и во јуни или септември да одиме на избори. Заедно да најдеме решение, да најдеме 80 гласа и да ги почнеме преговорите, рече Таравари во вечерашното гостување на телевизија „Сител“.

Ако се погледне ситуацијата само партиски, АА најголемиот критизер на Владата, вели Таравари.

-Но, соочени сме со три кризи – инвазијата во Украина, енергетската и економската криза, како и двете државни кризи: корупцијата и организираниот криминал во институциите, како и уставните измени кои се неопходни за да ги почнеме преговорите. Знаеме кај сме и во каква ситуација сме. Некогаш мора да знаеш каде сакаш да одиш. Постојано кажувам и уште еднаш ќе повторам, без разлика дали ќе бидеме дел од владината коалиција или ќе останеме опозиција, ние ќе ги изгласаме уставните измени. Тоа ќе биде нашиот услов за борба против корупција и за правна држава, подвлече лидерот на АА.

Таравари потврди дека при евентуален влез на неговата партија во Владата, нема да замине од функцијата градоначалник на Гостивар што моментно ја извршува.

-Добив поддршка од граѓаните да го терам мандатот до крај. Мислам дека е несериозно да се повлечам и да бидам министер, а во АА има многу доктори кои се квалитетни, рече лидерот на Алијанса за Албанците, додадавјќи дека се уште не е ништо конкретно договорено со владината коалиција во однос на некаква поделба на ресорските места или министерства.

Таравари напомена и дека не очекува проблематизирање на функционирањето на општините од страна на ВМРО-ДПМНЕ доколку АА стане дел од владината коалиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот