Таравари чека понуда, власта токми три министерства за Алијанса?

Арбен Таравари/ Фото: Архива на „Слободен печат“

Шпекулациите дека уште една партија од албанскиот политички блок ќе стане дел од власта ги подгреа претседателот на ДС Павле Трајанов, кој рече дека една партија со осум пратеници чека да влезе во Владата.

Алијанса за Албанците чека понуда за влез во Владата, од власта веќе се преговара за распределба на владиниот колач и дека до крајот на годинава во зградата на „Илинденска“ ќе влезе нов партнер, на големо веќе се лиферуваат информации. Официјално, и в.д. претседателот на опозициската Алијанса Арбен Таравари и премиерот Димитар Ковачевски тврдат дека немало средба со понуда за зголемување на владејачкото мнозинство во Собранието.

Шпекулациите дека уште една партија од албанскиот политички блок ќе стане дел од власта повторно ги подгреа претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов, кој по лидерската средба рече дека една партија со осум пратеници чека да влезе во Владата.

– И без мене и со мене, мнозинството топ не го разбива. Имаме уште една партија со осум пратеника што чека да се вклучи во Владата, така што опстојувањето на Владата не зависи од мене или само од бројките – изјави Трајанов.

Таравари одби да коментира дали е кандидат за нов владин партнер и посочи дека на лидерската тоа не било тема.

– Денеска бевме тука да зборуваме за иднината на државата, не за иднината на Владата. Ирелевантно е тоа што го кажал господинот Трајанов. Не би го дискутирал тоа, тоа не беше ниту тема на дискусија. Може да биде тема на дискусија, но денеска не зборувавме воопшто за тоа. Зборувавме за европската иднина на Македонија – рече в.д лидерот на Алијанса.

Од власта брифираат дека се блиску до договор за влез на Алијанса во власта. Во тој контекст го толкуваат и учеството на Таравари на лидерската и неговата поддршка за отворање на Уставот и евроинтеграцискиот процес без да условува во пакет да оди и замената на формулацијата „20 отсто“ со албански јазик. Учеството на Таравари на лидерската, власта го толкува и како отклонување на Алијанса од ВМРО-ДПМНЕ.

Според функционери од власта, очекувањата се на Алијанса да ѝ бидат понудени три министерски места, со оглед на тоа дека партијата брои осум пратеници. Ова би значело дека трите владини партнери – СДСМ, ДУИ и Алтернатива – треба да се откажат од по едно министерство во корист на Алијанса. Со тоа во некаква „нормала“ би се довеле министерските позиции што ѝ припаднаа на Алтернатива, бидејќи таа во новата влада на Ковачевски, иако имаше четири пратеници, доби три министерски позиции, а по излегувањето на пратеникот Скендер Реџепи остана со тројца. Неофицијално, Алијанса може да се надева најмногу на три министерства со кои раководат Албанци бидејќи, во спротивно, дополнително ќе се наруши етничкиот баланс во Владата кој сега е речиси 50 спрема 50 отсто, односно од 21 член на владиниот кабинет 10 се Албанци.

Од Алијанса велат дека досега немало средба помеѓу Ковачевски и Таравари, ниту понуда Алијанса да биде дел од Владата, иако и од некои амбасади им сугерирале дека треба да бидат дел од власта, бидејќи имаат еднакви позиции со мнозинството кога станува збор за евроинтеграцискиот процес. Од партијата брифираат дека ако добијат понуда, можеби ќе одлучат да бидат дел од власта.

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, за ТВ Клан изјави дека не е загрижен дали Алијанса ќе влезе во Владата и посочи дека за тоа треба да се праша лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој тоа го договара со експретседателот на АА, Зијадин Села.

Пред повеќе од еден месец токму Таравари во изјава за медиуми рече дека ако добие понуда, партијата ќе ја разгледа.

– Не сме разговарале околу тоа, ние сега сме фокусирани во реорганизирањето на партијата. Повеќе сме на терен и водиме разговори, ги слушаме активистите и тие што се симпатизери на Алијансата за Албанците. Темата за условување за тоа дали да се влезе или да се излезе, не сме ја дискутирале. Ние не сме биле дел од Владата ниту, пак, сме размислувале за тоа. Ќе ја разгледаме опцијата ако постои таков предлог, но сега засега нема нешто такво – рече Таравари.

И премиерот Ковачевски неодамна изјави дека не разговарале за ваква опција, но кажа дека за секоја евентуална поддршка на неговата Влада треба да се разговара.

– Со господинот Таравари се немам видено, но секогаш сум имал контакти со пратениците од Алијанса. Не сме разговараме за такво нешто. Меѓутоа, секоја поддршка која е за поддршка на европскиот пат, за справување со енергетска и економска криза и сите предизвици со кои се соочуваме, сметам дека е поддршка за која треба да се разговара – изјави Ковачевски.

Доколку Алијанса стане дел од власта, мнозинството ќе брои 72 пратеници, што сепак е далеку од потребните 80 пратеници за измени на Уставот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот