Таравари: Бродот на СДСМ тоне, со новиот лидер ќе потоне

Арбен Таравари во гостување на ТВ21 / 1 ноември 2021 / фото: ТВ21/принтскрин

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, вечерва во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 рече дека „бродот на СДСМ тоне“, и дека ќе потоне откако партијата ќе го избере новиот лидер.

„Во СДСМ има сериозни проблеми, внатре во партијата. Незадоволството таму е големо. Заев вети многу, ништо не реализираше. Затоа и бега. СДСМ во моментот тоне, а ќе потоне со новиот лидер. Новиот лидер нема да може да ја одржи стабилноста на Владата. Новиот лидер нема да може ги координира коалициските партнери, кои имаат договор со Заев, а не со новиот лидер. Затоа сметам дека ова мнозинство нема да трае многу, и 2022 година ќе има повторно избори“, вели Таравари.

Таравари вели дека со ВМРО-ДПМНЕ имале добра соработка на локалните избори.

„Можеби и соработката со нив придонесе да ги добиеме трите општини“, рече Таравари.

Тој откри и како течеле разговорите за собирање потписи за неуспешната иницијатива за рушење на владата.

„Тој ден, во четвртокот, имавме 61 пратеник и без Левица. Ова ви го гарантирам. Имаше уште двајца пратеници кои не можам да ги кажам со имиња. Ден пред тоа Кастриот Реџепи ми рече „Што побргу да падне оваа влада“. Што се случи во четвртокот видовме сите. Не овозможија да има дебата, па потоа гласање. Да дозволеа да има гласање, сигурно ќе паднеше владата дури и без Кастриот“, рече Таравари.

Тој додава дека планот бил да падне владата, па да се договори програма за новата влада, како и да се договорат која партија кои ресори ќе ги води.

Видео на денот