Таравари: Бришењето на „20 отсто“ од Уставот и замена со „албански јазик“ значи пишување историја

Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар / Фото: Архива на Слободен печат

Лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари застана на страната на министерот за правда Кренар Лога и порача дека отстранувањето на „20%“ од Уставот и негова замена со „албанскиот јазик“ треба треба да се случи сега, со уставните измени кои предвидуваат внесување на Бугарите како заедница која живее во Северна Македонија. Министерот Османи не ја коментира изјавата, туку најави средба на коалициските партнери и оние кои ги поддржуваат уставните измени.

Во објава на Фејсбук, Таравари синоќа наведе дека дел од овој историски момент ќе бидат сите албански партии, вклучително и македонските партии, посочувајќи ги нивните лидери Димитар Ковачевски од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Алијансата за Албанците е среќна што сега дојде моментот кога политичките партии во Македонија ќе можат да ја изразат својата согласност албанскиот јазик да се именува како таков и повеќе да не се нарекува погрешно „20%“. Предлагаме оваа промена да се случи сега и сме убедени, не само во согласувањето на албанските партии, туку и на сите партии во Македонија – напиша Таравари.

Според него, сите партии кои ќе учествуваат во оваа промена ќе бидат запишани во историјата како демократски партии, особено европски.

– Особено г. Ковачески и г. Мицковски ќе станат дел од овој важен момент не само за Албанците кои живеат во оваа земја, туку и за европската иднина на нашата заедничка држава. Со нетрпение го очекуваме моментот на официјалното објавување на ова сепартиско ветување – додава Таравари.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска не го коментираше ставот на Таравари и најави дека она што сега следува е средба на лидерите на коалициските партнери и оние кои што ги поддржуваат уставните измени на која би се разгледале сите аспекти и чекорите кон уставните измени.

– Не мислам дека треба сега преку медиуми да си кажуваме ставови по однос на тоа што е нашата позиција туку треба да седнеме и да видиме кои се околностите, кои се можностите кои се приоритетите на државата. Така да очекувам на таа средба секоја партија да си ги каже своите ставови и очекувам дека без многу дебата ќе постигнеме одлука за тоа како понатаму – изјави Османи.

Од Министерството за правда претходно најавија дека се очекува до крајот на наредната недела да биде формирана работната група за уставните измени и во втората половина од април да почне да работи. Доколку опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму опстои на ставот да не учествува во работната група, таа ќе ја продолжи работата, а ВМРО-ДПМНЕ нема да има аргументи за критика на амандаманите за промена на Уставот, бидејќи не учествувале во нивното донесување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот