Танцот е движечка сила од проткаени срца

Македонскиот ИТИ Центар ги проследи пораките по повод Меѓународниот ден на танцот – 29 април, а годинава автори на пораките се Александар Хаџиманов и Григориј Вујани Макома. Скопје танцовиот театар на сите љубители на танцот им го честиташе Светскиот ден на танцот со видеопорака.

Танцовиот одбор на Македонскиот ИТИ Центар го избра балетскиот педагог и солист на националниот балет Александар Хаџиманов да ја состави македонската порака по повод Меѓународниот ден на танцот. Во воведот на текстот Хаџиманов ги открива почетоците на танцот во праисторијата, кога бил наменет да ги умилостиви боговите, но и моментите кога во втората половина на 17 век во Париз била отворена првата балетска академија, од кога балетот станува професионална уметност.

– Во зависност од социјалните, политичките и економските услови, секоја епоха понудува соодветна форма на претставување на уметноста на танцот, кој е во непрекинат развој, на пример, дворскиот балет го карактеризира раскошен костим, симпатичност, достоинствен и одмерен настап. Понатаму на сцената се поставуваат претстави во кои се вклучени содржина и чувства. Романтичниот балет, во кој се игра на врвовите од прстите, истакнува лирска и етерична игра на балерината, а класичното наследство на академскиот балет е застапено до денес.

Претставувањето на слободни танци и отстапувањето од класичните форми со појавата на неоромантизмот ја отвора епохата на модерниот танц, кој го отфрла традиционалниот принцип на класичниот балет; открива други облици на движење, приспособени на современиот живот и ја поттикнува креативноста и чувството на поединецот за сопственото искажување.

Инвентивноста и посветеноста понатаму ќе ни донесат уште многу нови нешта во танцот, а нам ни преостанува да се препуштиме на доживувањето. За крај ќе го цитирам Жан Жорж Новер: „Танцот го споредувам со најубавото во природата“ – напиша Хаџиманов во пораката.

Александар Хаџиманов (Фотографија: Дејан Колевски)

Меѓународниот одбор на мрежата на ИТИ – УНЕСКО го избра јужноафриканскиот кореограф, танчар, танцов едукатор и актер Григориј Вујани Макома да ја прати светската порака за Денот на танцот. Во пишувањето на пораката, Макома го користи целото свое животно и професионално искуство, доаѓајќи до сознание дека секој ден претставува нов предизвик со кој треба да се соочиме, а тој преку танцот се обидува да ја согледа таквата смисла за светот.

– Поминуваме низ незамисливи трагедии, во време што најдобро би можел да го опишам како постхумана ера. Повеќе од кога било треба да танцуваме за да го потсетиме светот дека човештвото сè уште постои. Целта за човечност и емпатијата треба да го совладаат овој со години наталожен непобиен виртуелен пејзаж на расипништво, што нѐ довел до катарзата на универзалната тага – освојувајќи ја тагата, оваа тешка реалност продолжува да го толерира животот, кој се соочува со смрт, отфрлање и сиромаштија.

Нашиот танц повеќе од кога и да е им даде силен сигнал на светските лидери и на оние на кои им е доверено чувањето и подобрувањето на условите за човечност; дека ние сме војска на бесни мислители, и нашата цел е таа што се стреми да го смени светот истрајно и чекор по чекор кон подобро.

Григориј Вујани Макома

Танцот е слобода и преку нашата изградена слобода, ние мора да ги ослободиме другите – заробените што се соочуваат со материјални и духовни зандани, во различни страни на светот. Танцот не е политички, тој станува политички затоа што во своите влакна носи човечка врска и затоа реагира на околностите во обидот да го врати човечкото достоинство.

Додека танцуваме, со нашите тела, негодувајќи им на неправдите на овој свет, во вселената ние се поврзуваме заедно, стануваме движечка сила од проткаени срца; ние ги допираме душите и овозможуваме исцелување, а тоа е толку многу и очајно потребно… Сè што ни треба сега и тука е да танцуваме уште, секогаш и бесконечно! – напиша Макома во својата порака.

Светскиот ден на танцот 29 април требаше да биде последниот ден на шеснаесеттото издание на „Танц фест 2020“, а требаше да биде одбележан и 30-годишниот јубилеј на постоење на современата танцова сцена во земјата, но тие настани се одложени за наесен. Сепак, Скопје танцовиот театар на сите љубители на танцот им го честиташе Светскиот ден на танцот со видеопораката „Збор“.

Во подготовката на видеото учествуваа танчарите на Скопје танцовиот театар – Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Тринга Хиса и студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, Бобан Русески, Сара Цветковска, Јована Зајкова, Тереза Лазарев, Исидора Краљевска, Борис Богдановски и Ивана Балабанова.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 29, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 1-3 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот