Танц Фест 2021: „Менада“ за американската кореографка Каролин Карлсон

Легендарната кореографка Каролин Карлсон е добитничка на наградата „Менада“ за животно дело и врвни достигнувања во областа на танцот на Танц Фест 2021, објави најзначајниот фестивал од областа на танцовата уметност кај нас. Станува збор за кореографката и танчерка, Каролин Карлсон, која веќе ја прифатила и ќе ја прими Наградата за животно дело и врвни остварувања во областа на танцот „Менада“ на фестивалот Танц Фест Скопје 2021. Со прифаќањето на наградата од страна на легендарната уметничка, Танц Фест уште еднаш ја потврдува својата позиција на извонредност на светската танцова сцена и заложбите за развој на современиот танц кај нас, но и наша презентација низ светот.

Кореографката и танчерка Каролин Карлсон со нејзината креативност и работа го сменила текот на развојот на современиот танц во 20 век / Фотографија: Жан Луис Фернандес

Кореографката и танчерка Каролин Карлсон со нејзината креативност и работа го сменила текот на развојот на современиот танц во 20 век, посебно кога во 1974 година добила покана да работи во Париската опера. Со специјално креираната титула за неа „ѕвезда-кореографка“ таа добила и простор за развој на своите идеи преку театарската истражувачка група во операта. Во 2006 година, Каролин Карлсон е добитник на „Златен лав“ на Биеналето во Венеција, со што станува првата кореографка чија работа е наградена со оваа престижна награда. Во 1998 година го доби престижното светско признание „Prix Benois de la Danse“. Каролин Карлсон е добитник и на ордените на Република Франција „Commander of the Ordre des Arts et des Letters“ и „Officer of the Légion d’Honneur“. Со нејзината претстава „Ритуал за мртвиот сон“, изведена на Фестивалот во Авињон во 1972 година, Каролин испишува своевиден поетски манифест со кој се дефинира пристапот во нејзината работа на кој се придржува оттогаш: „танц кој е силно ориентиран кон филозофијата и духовноста“. Карлсон за своите креации го претпочита терминот „визуелна поезија“.

Родена Американка и натурализирана Французинка, таа за себе вели дека, пред сѐ, е номад, неуморен патник кој секогаш настојува да го развие и сподели својот поетски универзум. Карлсон има значително влијание и успех во многу европски земји. Таа игра клучна улога во раѓањето на францускиот и италијанскиот современ танц. Создава над 100 претстави, од кои голем број се сметаат за исклучителни дела кои го одбележуваат развојот на современиот танц и имаат посебно место во историјата на танцот, истакнуваат од Танц Фест.

За своите креации Карлсон го претпочита терминот „визуелна поезија“

Во својата долга кореографска и танчерска кариера Карлсон настапувала на многу светски сцени. Образованието го стекнува на Универзитетот во Јута, за потоа да се пресели во Њујорк, каде се запознава со работата на Елвин Николај, во чија компанија настапува од 1965 до 1971 година и чии идеи ги пренесува кога доаѓа во Париз. Директор е на „Teatro La Fenice“ во Венеција, во периодот од 1980 до 1984 година; од 1985 до 1991 година е резидентен кореограф на „Театар де ла Вил“ во Париз; во 1991 и 1992 година има резиденција во „Кулберг балет“ во Хелсинки и во Театарската танцова компанија на Град Хелсинки; „Кулберг балет“ го раководи како уметнички директор во 1994 и 1995 година; од 1999 до 2002 година таа е уметнички директор на Одделот за танц во Биеналето на Венеција; од 2004 до 2013 директор е на Националниот кореографски центар во Рубе, Франција; има резиденција како кореограф во Националниот театар „Шајо“ во Париз од 2014 до 2016 година. Во 1999 година Карлсон го основа „L’Atelier de Paris“, а во 2014 година ја основа „Каролин Карлсон танцова компанија“. Каролин Карлсон активно работи и патува низ целиот свет со своите креации и истражува нови танцови форми.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 78, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 24-25 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот