Танц фест 2020: Дводневен маратон со домашни и интернационални кореографи и танчари

Новото издание на „Танц фест“ под мотото „Потрага по допир“ се одржува на 4 и 5 септември со маратон во живо во Парк МКЦ и онлајн на фестивалскиот јутјуб-канал.

Со учество на македонски и американски уметници „Танц фест 2020“ го одбележува јубилејот 30 години современа македонска танцова сцена. Земја во фокус е САД и на фестивалот се претставуваат пет реномирани американски кореографи.

Танцовиот маратон на 4 и 5 септември прикажува петнаесет кореографии со учество на американски кореографи и домашните уметници Адријана Данчевска, Валентино Апостоловски, Ивана Коцевска, Дејан Битровски, Ивана Балабанова, како и апсолвентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Бобан Русески, Тереза Лазарев и Сара Цветковска во соработка со студентите дизајнери Катерина Димитровска и Магдалена Димковска, кои костимите ги создаваат под менторство на професорката и дизајнерка Лидија Георгиева, од ТМФ при УКИМ. Дел од танцовиот маратон е јубилејната претстава „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин, која премиерно беше изведена на фестивалот „Охридско лето“.

Наградата „Менада“ за млад уметник ја доби Стефанија Гаштарска

Наградите на „Танц фест 2020“ им се доделени на американската танцова легенда Џоан Мајерс Браун, која се закити со „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцот, додека наградата „Менада“ за млад уметник ја доби Стефанија Гаштарска, првата македонска балерина што доби професионален ангажман и стана дел од ансамблот на рускиот „Болшој театар“ во Москва.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 47, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот