Танцов јубилеј: Културниот центар „Битрикс“ прослави десет години постоење

Млади, ведри и насмеани лица присуствуваа на роденденскиот настан на Културниот центар „Битрикс“, што минатата недела се одржа во Младинскиот културен центар.

На настанот им беа врачени благодарници и симпатични подароци на голем број учесници, предавачи, соработници и пријатели на „Битрикс“, имаше роденденска торта, а беше направено и резиме на активностите.

Прикажано со бројки „Битрикс“ во изминатата декада имаше над 15 предавачи, илјадници учесници, креирање на ВАДА – Виртуелна американска танцова академија со поддршка на Амбасадата на САД, седум изданија на „Битрикс танцова лига“, пет изданија на „Битрикс спешлс“, два национални танцови карвани низ десет града, повеќе од 15 изведби на сегменти од „Тишина“ низ 15 градови во Македонија благодарение на УНИЦЕФ, пет сериозни танцови претстави, над 15 концерти, соработки со над 50 локални и регионални артисти, повеќе од 40 волонтери што ја помагаа организацијата на настаните, над 200 перформанси во земјата и надвор и над 200 снимени танцови видеа. „Битрикс“ беше и е борба за повеќе радост, подобар танц, поквалитетен однос со младите, посмела креација, посилна танцова заедница!

– Создавањето, растењето и постојаното рекреирање на „Битрикс“ низ годините е тест за своите вредности, за трпението, за вербата, за храброста, за способноста да љубиш. Како што растеше тоа, така растев и јас и му дозволував да ме крши и да ме издигнува во височините, одново и одново, за по секоја фаза да се враќам назад кон суштината, што е, всушност, и причината зошто постои, а тоа е: да даваш и несебично да споделуваш! Несомнено, ова е искуство кое го менува човекот и една совршена подлога за созревање!

Благодарна сум ѝ на малата Ивана, која пред десет години силно веруваше, но, и на повозрасната Ивана, која денес знае кон што да го насочи своето внимание, како би имала енергија за нештата кои навистина ќе вродат со плод. Се надевам дека, како и да се развива во иднина овој центар, секогаш ќе биде сигурно прибежиште за младите, каде што тие ќе можат да создаваат нови пријателства, ќе научат да споделуваат, да соработуваат и да се грижат едни за други, ќе ја охрабрат и ќе ја оплодат својата креативност и кога ќе пораснат, ќе бидат пример за помладите генерации – задоволно нотира Ивана Балабанова, уметнички директор на Културниот центар „Битрикс“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 110, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот