Тања Турунџиева, нутриционист: Здрава и правилна исхрана кај бебиња и деца

Од првиот ден на бебешкиот живот стануваме загрижени дали нашето дете јаде доволно, дали го храниме правилно, дали сѐ што е потребно е застапено во неговота исхрана, секако, во согласност со возраста на самото дете. Покрај тоа, бидејќи сме свесни дека дебелината кај децата станува сѐ почеста, се плашиме да не одиме и во некоја сосема друга крајност. Секој родител сака да всади здрави навики во исхраната на своето дете. Детството е клучен период за раст и развој, затоа учете ги децата на здрави навики така што постепено ќе ги воведувате намирниците во нивното мени…

Здравите навики се учат од најмала возраст, кога многу полесно ќе станат основа во исхраната што на долг рок ќе даде здрав и правилен развој кај децата.

Почеток на внесување нутритиви кај бебето

Секогаш се залагам за ексклузивно доење на бебето, меѓутоа, тоа да биде со адаптација на вкусови. Што значи, дека по наполнувањето на четвртиот месец од животот на бебето, мајката треба да му дава на бебето одредени овошни и зеленчукови сокови – доволни се две-три кафени лажичиња за вкус пред подојот, за да види како ќе реагира бебето, за да не биде научено само на мајчино млеко до шестиот месец, кога би се појавил проблем при брзото внесување на голем број нутритиви одеднаш, кога дури и да реагира алергенски бебето, не може точно да се селектира причината за таа состојба.

Воедно, на сите мајки им препорачувам дека, покрај овошниот оброк што ќе го внесат, задолжително по оброкот на бебето до деветтиот месец да му дадат да цица, освен ако бебето не е на адаптирано вештачко млеко. Тогаш може кашата да му биде оброк, без млеко или мала доза од 60 милилитри. Додека трае доењето, мајката е таа што внимава на исхраната за да има добро и квалитетно млеко и да не му направи атописки испади и алергиски реакции на бебето.

Дозволени и забранети производи кај бебињата

Мајката мора да знае што точно да внесува во зависност од возраста на детето. Постојат нутритиви што ќе бидат забранети до година или година и пол од животот на бебето.
Во овој случај, сите агруми спаѓаат во алергенски овошја и не треба да му се даваат на детето до една година – тука спаѓаат лимонот, портокалот, цитронот, мандарината, портокалот, грејпфрутот. Од истите причини до година или година и пол се избегнуваат кивите и јагодите, особено кај децата со атопии. Кај зеленчуците има постепено внесување – од шестиот месец се почнува со жолтата боранија (зелената е дозволена по една година), потоа во седмиот месец се надополнуваат и грашокот, портокаловата леќа и гравот цацар или азуки гравот со мала лушпа што нема да го оптовари дигестивниот систем на бебето. Месото се внесува по шестиот месец и доволно е да се внесува четири пати во неделата во комбинација со други разновидни јадења; јас го преферирам телешкиот бифтек, и тоа најмекото „baby beef“ месо, како и мисиркиното месо – во никој случај не се дозволени другите меса, особено не – пилешкото.

Нутриционистички препораки

Повојот, па овошната каша заедно со мајчиното млеко, потоа зеленчуковата каша со месо или со јаглехидрати, па пред спиење некоја безглутенска житарка, исто така, со мајчино млеко, и вечерниот подој по капењето на бебето – тие се сосема доволни оброци за едно бебе да функционира нормално, да биде здраво, нормално да се развива и да има нормален развој на сето она што му треба, адаптирано според возраста.

Некаде по седмиот – осмиот месец го навикнуваме бебето на џвакање, затоа што веќе му се излезени првите запчиња. Треба да се обидуваме да не добива пасирана храна до една година, за да може да му се развие чувството на џвакање. Токму џвакањето е еден од основните процеси во системот на варење, а варењето на храната не почнува од желудникот, туку почнува од нашата уста.
Детето не треба да го научиме на брзи оброци, туку јадењето да биде ритуал за кој ние ќе одвоиме долго време. Во никој случај да не го молиме ако одбива да јаде некој нутритив, туку да го изоставиме, па подоцна да го вклучиме во исхраната, но, да бидеме упорни и истрајни во сето тоа.
Ниту мајките, ниту децата не треба да внесуваат глутенски препарати, па макар дури и некој да го класифицира како помодарство, сепак, во науката е докажано дека тие нетолерантности на дигестивниот систем, како и честите алергии, го прават токму тие глутенски житарки.
Затоа, во сите купечки каши до една година од животот на детето, пишува дека нема глутен. Потоа, исто така, спорно е и кравјото млеко, што предизвикува алергии, особено поради лактозата што пројавува нетолерантност, како и појавата на алергии на одредени протеини и белковини.
Правилно распределените нутритиви, разновидниот внес на храна и добро осмисленото мени на неделно ниво се особено важни за секое бебе и дете, особено до првата година и пол, бидејќи токму ние, родителите, ја правиме основата за добар имунитет на нашето дете.

Исхрана кај деца над една година

Со години наназад забележувам дека мајките се обидуваат и се максимално посветени на здравата исхрана до наполнување на една година на бебето, а потоа, настанува хаос кога мислат дека на детето му е дозволено сѐ – од чипсови, чоколади, смоки, сѐ и сешто што во себе содржи агресивни емулгатори, вештачки бои и конзерванси, што потоа се контраиндицира врз неговиот имунолошки систем, врз метаболитичкиот систем и врз алергенскиот имунитет. Сметам дека првичните здрави навики треба доживотно да му се всадат на детето, затоа што, како ние од почетокот ќе ги научиме децата, така тие ќе функционираат.

Ако ние не му дозволиме и не му купуваме производи што сметаме дека се штетни за детето, тоа нема да има можност да проба. Денес, почнувајќи и од градинките, се менуваат сите тие застарени навики. Не треба да се доведеме до ситуација детето да добие вишок килограми или да се здобие со некоја болест за да преземеме мерки, ниту, пак, да се сожалуваме или да ги даваме овие штетни производи како награда, особено не кај децата кои од раѓањето се заболени со одредени генетички промени.

Апсолутно не е грев да се изеде пица или чоколадо еднаш во месецот сѐ додека тоа не стане секојдневна навика. Не треба ниту да го опструираме детето, но треба да му понудиме разновидност – кога ќе го однесеме на семеен ручек, наместо да го однесеме на ќебапчиња, на пример, зошто да не го однесеме на риба? Тоа дете треба да запознае различни кујни, вкусови, храната да му биде на некој начин и стил на живеење, некој вид здрава навика. Воедно, по наполнувањето на една година треба да го научиме детето да пие природно цедени сокови и вода. Сокот да не биде замена за оброк, туку да биде нешто како додаток во целата исхрана, заедно со водата.

Во средина како нашата, многу тешко се прифаќаат промените во секојдневното мени, секогаш се наидува на некој отпорен на овие здрави промени. Но, децата ни стануваат сѐ подебели, немаат физичка активност, консумираат брза храна, поминуваат часови и часови пред компјутер и очекувано е кога-тогаш да се соочат со здравствен проблем, како и со проблем со дебелината. Мора да има промени поради тоа што и самите нутритиви денес се многу поразлични од тие пред десетина, дваесетина години. Агресијата на емулгаторите, нитритите, нитратите, на најразличните конзерванси, немаат никаква полезност за организмот. Спротивно на она што е застарено верување – дебело дете не е здраво дете. Погрешно е да веруваме дека некое дете не напредува затоа што не внесува некој нутритив – прво видете ја конституцијата и градбата на родителите и генезата, па потоа барајте причини. Не може од детето чии родители се со низок раст да бараме да има кошаркарски развој, на пример.
Сепак, забележувам дека кај помладите родители се буди свеста. Тие се едуцираат, точно знаат кои се последиците, а кои придобивките од брзата, односно од здравата храна.
Исхрана кај деца во пубертет

Најголемите проблеми во исхраната на децата настануваат кога тие ќе дојдат во пубертет или кога ќе престанат да се хранат со училишната кујна. Кај нас е срамота детето да носи оброк од дома, многу полесно му е на родителот да му даде пари да си купи нешто за јадење. Постојат тие предрасуди, како и она хедонистичко однесување на пубертетлиите кога почнуваат да одбиваат манџи, повкусни им стануваат сендвичите, односно сѐ што е забрането. Секако, дека не е е грев да се изеде и тоа понекогаш, сепак, станува збор за пубертет, за една промена, сепак, тука се во прашање и хормоните, но не треба тоа да биде секојдневно и при секој оброк.

Во пубертетот е многу важна и спортската активност, особено имајќи предвид дека денешните деца се врзани за технологија – тоа не можеме да го смениме. Доколку го ограничиме детето во тој поглед, ќе биде изоставено од средината во којашто расте. Децата многу лесно ги добиваат навиките од своите родители и умеат да ги злоупотребуваат ситуациите, особено кога кај некого ќе почувствуваат слабост.

Важно е да има балансираност во исхраната, на детето му е потребно сѐ, и протеини и јаглехидрати и корисни житарки и овошје и зеленчук, течности, белковини, масти… Селекцијата не можеме да ја направиме само со форсирање или со отфрлување на одредени нутритиви.
Децата се нашето богатство, ние инвестираме во нив, во нивното здравје, едукација, спорт, во нивните интереси, афинитети, амбициозност, таленти… Децата се личности и треба да се почитуваат и да се градат како такви, а ние со нашиот авторитет ќе создадеме здрава личност. Доколку сме попустливи, детето ќе го искористи секој момент да го добие она што го сака.

Децата се една подвижна прашална енциклопедија, кај нив секогаш има илјада зошто, а вие треба да најдете илјада затоа. Доколку со нив го имате третманот на возрасен човек, значи ако ја почитувате нивната личност, секогаш ќе имате резултати во сѐ што сакате да постигнете – како за храната, така и за сѐ друго во животот.

Тања Турунџиева, нутриционист во „Тагама“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот