Талибанците по целосното повлекување на САД од Авганистан: Напишавме историја

Талибанци. / Фото: EPA-EFE/STRINGER

„Напишавме историја“, изјави портпарол на талибанците, откако САД објавија дека ја завршиле евакуацијата на своите сили од Авганистан.

– Повторно напишавме историја. Дваесет години окупација на Авганистан од страна на САД и НАТО завршија вечерва. Многу сум среќен што по 20 години џихад, саможртви и тешкотии, можеме да уживаме во овие историски моменти, објави на Твитер Анас Хакани, портпарол на талибанско движење.

Неколку часа по заминувањето на последниот американски војник од Авганистан и главниот портпарол на талибанците Забихула Муџахид на пистата на аеродромот во Кабул им ја честиташе победата на Авганистанците.

– Поздрави за Авганистанците.Оваа победа ни припаѓа на сите, порача тој.

Муџахид уште рече дека талибанците сакаат добри односи со САД и светот.

Последниот лет го изведе воен транспортен авион Ц-17, кој полета од меѓународниот аеродром Хамид Карзаи една минута пред полноќ по локално време (во Кабул), кога и заврши рокот за евакуација..

Во авионот беа американски војници, нивниот командант и американскиот амбасадор Рос Вилсон, кој зад себе остави затворена амбасада, која некогаш беше преполна со стотици дипломати. Претходно беа евакуирани повеќе од 123 000 странци и Авганистанци кои избегаа од ултраконзервативните талибанци.

Последниот лет се реализираше под строги безбедносни мерки и по два напади против двонеделната операција за евакуација спроведени од терористичката Исламска држава, при што, во едниот од нив загинаа повеќе од 100 луѓе, вклучително и 13 американски војници.

Претходно оваа година, американскиот претседател Џо Бајден го постави 31 август како краен рок за повлекување на американските сили од Авганистан.

Извор: МИА

По речиси две децении: Армијата на САД се повлече од Авганистан

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот