Талибанците ќе мора да си ги отпуштат синовите кои ги вработиле на владини позиции

Лидерот на талибанците им наредил на авганистанските функционери да ги отпуштат роднините што ги вработиле на владини позиции. Указот на Хибатула Ахунџада вели дека службениците треба да ги заменат назначените синови или други членови на семејството – и да се воздржат од ангажирање роднини во иднина, пишува „Би-Би-Си“.
Талибанците отпуштија дел од високиот персонал кога ја презедоа власта во 2021 година, додека други избегаа. Постојат тврдења дека биле вработувани неискусни кадри врз основа на нивните лични врски.
Авганистанскиот исламски печат, со седиште во Пешавар, Пакистан, објави дека декретот следи по наводите дека неколку високи талибански функционери ги назначиле своите синови на улоги во владата.
Авганистан се соочи со продлабочена економска и хуманитарна криза откако талибанците навлегоа во Кабул и ја вратија контролата врз земјата. Странските воени сили беа во земјата две децении, водејќи војна во која загинаа десетици илјади, а беа раселени милиони други.
Оттогаш, санкции се воведени на членовите на талибанската влада, средствата на централната банка во странство се замрзнати, а поголемиот дел од странските финансирања се суспендирани.
Се проценува дека Авганистан има природни ресурси – вклучително природен гас, бакар и ретки земји – вредни повеќе од 1 трилиони долари (831,5 милијарди фунти), но тие резерви остануваат неискористени поради децениските превирања во земјата.
Третманот на талибанската влада кон жените ја налути меѓународната заедница и ја зголеми нејзината изолација додека нејзината економија пропаѓа.