Талентиран Аргентинец ќе го менува Перез во Ред Бул?
Франко Колапинто е под договор со Вилијамс, но можеби ќе му стане партнер на Верстапен во Ред Бул, по добрите партии откако влезе во „циркусот“
Франко Колапинто (21) би можел да биде подготвен за сензационална преселба во Ред Бул за партнер на Макс Верстапен во 2025 година како замена за Серхио Перез ако шефовите на овој тим се решат да се ослободат од Мексиканецот, пишува “Тотал-моторспорт“.
Младиот возач од Аргентина го сврте вниманието во Формула 1 откако го замени Логан Сарџент во Вилијамс пред Италијанското ГП во септември 2024 година.
Првично пречекан со општа скепса во врска со неговата способност да настапува во овој спортот, Аргентинецот веднаш им покажа на критичарите дека грешат со неговите добри настапи во Азербејџан, Сингапур и САД за да стане еден од највозбудливите возачи во Ф1.
Тој освои поени уште во својата втора трка во Ф1, освои поени во две од неговите први четири гран-при и беше во топ-12 во секоја од неговите први пет трки.
Тоа му создаде главоболка на неговиот шеф Џејмс Воулс. Имено Карлос Саинц и Алекс Албон се веќе договорени до 2026 година, што значи дека нема место за Колапинто во Вилијамс. Тука Ред Бул може да влезе во игра.
И директорот на тимот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, потврди дека ја следат ситуацијата.
– Мислам дека Франко е момче на кое му оди навистина, навистина добро. Се разбира, ние секогаш внимаваме на пазарот на возачи и мислам дека Франко дефинитивно ги има квалитетите да биде потенцијална ѕвезда на иднината – вели Хорнер.
Вилијамс изгледа отворен за идејата да и дозволи на ѕвездата да замине на позајмица, но Ред Бул не е заинтересиран за тоа. Според „Газета дело спорт“, постои шанса за договор и тоа ако Ред Бул издвои околу 20 милиони евра за трансферот и да го добие трајно.