Тактиката на Мицкоски со техничката влада

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Во право е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кога вели дека техничката влада е 100 дена губење време. Нека не губи време, нека предложи укинување на овој експеримент, но без условување со предвремени парламентарни избори. Таков потег би бил извонредна тактика.

Подготвени сме и до парламентот ќе доставиме измени на Изборниот законик во кои нема да има техничка влада, односно 100 дена губење време на граѓаните, туку ќе го користиме уставниот рок од 45 до 60 дена. Ако се исплашени, нека остане Спасовски  министер за внатрешни работи, нека остане и новиот министер за труд и социјала, изјави завчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, иако знаеше дека предлогот ќе биде експресно одбиен како многупати претходно кога притоа целта му беа предвремените избори.

Во понудата на Мицкоски може да се препознае тактички потег со цел да направи „гејм чејнџ“. Укинувањето на техничката влада ја понуди во пакет со подготвеноста на најголемата опозициска партија во Собранието да ја разгледува можноста за воведување „една изборна единица“, што е предлог на помалите партии од владејачката коалиција. Опозицискиот лидер чувствува дека ДУИ не е подготвена на таков компромис, па се обидува да ги придобие „малите“ партии поради тенкото владино мнозинство. Да потсетиме, услов коалициските партнери Демократски сојуз и ДОМ да ја дадат поддршката на новата влада, предводена од Димитар Ковачевски, е во рок од три месеца да се прифатат предложените измени во Изборниот законик со кои во Македонија ќе има само една изборна единица наместо сегашните шест.

Најжесток противник на промената на изборниот модел e владиниот партнер ДУИ, кој има свои математики со последните 100 дена пред парламентарните избори, откако екслидерот на СДСМ Зоран Заев на првиот човек на „интегративците“ Али Ахмети му вети премиер Албанец пред крајот на мандатот на оваа влада. Можеби затоа во владината програма 2020-2024 е наведено дека „Владата ќе предложи укинување на т.н. пржинска влада, која покажа многубројни слабости, блокираше еден дел од државниот апарат во период на најголема светска криза и беше злоупотребен“. Иако не се знае што се договориле Ковачевски и Ахмети по заминувањето на Заев, предлогот на Мицкоски во дел од албанските медиуми се коментира како негов обид да му го одземе овој предизборен адут на ДУИ.

Техничката влада, промовирана со Пржинскиот договор, наместо 100 дена траеше подолго – Емил Димитриев беше технички премиер една и пол година, зашто изборите двапати беа одложувани, а Оливер Спасовски имаше продолжен мандат поради корона-кризата. За време на мандатот на Спасовски, дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ го блокираше заемот од 90 милиони евра што од Светска банка требаше да го добие Македонија за справување со корона-кризата. За тоа како функционирала преодната влада овој пример е најочебиен,  иако бодеа очи наизменичните плукачки прес-конференции, кои и онака се константа во политичката комуникација меѓу двете најголеми партии, многу подолга од „стоте дена срамотија“.

Мачните преговори од Пржино нема да ни останат во добро сеќавање, но беа нужно зло за да се собори режимот на Никола Груевски. Оттаму, добредојдено е бришењето на сè што е поврзано со тој договор, па и на техничката влада. Но, ќе прифати ли Мицкоски нејзино укинување и без дополнително условување кога веќе ја отвори темата? Со оглед на тоа што ОДИХР, но и опозицијата, немаа значајни забелешки за тоа како течеа последните два изборни циклуса, „техничката влада на македонски начин“ час поскоро треба да се укине.

Пржинската влада е многу поштетна од обично „губење време“ и досега траела многу повеќе од 100 дена. Државата во тоа политичко лимбо досега тапкаше во место, а бизнисот по обичај, продолжено исчекува расплет. Мицкоски пред изборите во 2020 година, во ТВ-дуел со Заев јавно се согласи техничката влада пред наредните избори да биде укината, без оглед која партија ќе биде во опозиција. Нека не губи време, има можност да поттикне укинување на овој експеримент од преодна влада и без условување со предвремени парламентарни избори. Таков технички потег би бил извонредна тактика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот