Таксират фестивал: ПИН ТВ ќе донесе многу едукативни, забавни и музички содржини

Музичката ПИН-конференција и шоукејс неколку години е најангажираниот и најдинамичен дел од фестивалот „Таксират“, а годинава поради познатата глобална ситуација ќе го промени форматот, но ќе ги задржи концептот и динамиката.

Суштината на ПИН-Конференцијата секогаш била средби и размена на искуства меѓу учесниците во музичката индустрија, како музички фестивали, промотери, букери, продуценти, музичари, додека шоукејс-сегментот содржел концертни настапи на млади, нови и атрактивни групи од цела Европа, некогаш и пошироко. Традиционалниот концепт на ПИН-от ќе биде задржан и годинава, само што поради пандемијата комплетно ќе биде сменет форматот на одржувањето на настанот.

Инвентивната и секогаш вредна екипа на фестивалот „Таксират“, смисли начин како физичките бариери и протоколите за држење дистанца да ги премости со помош на телевизијата и интернетот креирајќи ја ПИН ТВ. Новиот формат на ПИН ТВ ќе биде динамичен и лесен за следење, без долги панел-дискусии и со многу едукативни и забавни содржини кои се спакувани во рамките помеѓу 5 и 15 минути. Програмата ќе ја води Ида Престер (ТВ хост/пејачка), која ќе најави повеќе од 50 содржини, почнувајќи од 11 часот претпладне сѐ до полноќ во недела, 13 декември, на третиот канал на Македонската радиотелевизија. Програмата истовремено ќе се емитува онлајн, на официјалниот Јутјуб-канал на „Таксират фестивал“, како и на Фејсбук-страниците на ПИН-Конференција и „Таксират фестивал“.

Повеќе од 40-ина партнери, фестивали, артисти, промотери и издавачки куќи ќе ја емитуваат премиерата на ПИН ТВ низ Европа. Ексклузивно за ПИН ТВ, 20 домашни и странски артисти изработија свои концерти, од кои секој час ќе се емитува дел, а комплетните концерти ќе бидат емитувани во текот на цел месец декември.

Во говорниот сегмент на ПИН ТВ ќе се дискутира на најважните теми во музичката индустрија, претставници на големи и познати агенции и фестивали ќе зборуваат за новата рамка што ги дефинира хонорарите за уметниците и идните фестивалски програми, а ќе има и приказни од непознатиот свет на иновации и музичка технологија. Музичките промотори ќе ги споделат своите приказни од аспект на локалната позиција како индустрија и односот на надлежните органи кон истата, претставници на Европската комисија ќе откријат како Европа делува врз креативните индустрии и како локалните сцени ја зајакнаа својата национална почва со помош на музичките експорт-бироа. Простор ќе има и за познати музичари, супервизори, туроператори, но и искуства за правење ПР-стратегии.

– ПИН ТВ за нас и за учесниците е уште еден голем предизвик, кој го прифативме и го реализиравме со многу ентузијазам и огромна желба сите наши искуства и знаења да ги приближиме до публиката – истакнуваат од „Таксират фестивал“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 60, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот