„Таксират“ е подготвен за главната фестивалска вечер

Финалето на 23-тиот „Таксират Фестивал“, најголемиот зимски урбан музички фестивал во Југоисточна Европа, ќе се одржи на 7 декември во Скопје! Со вкупно 14 настапи на три бини во СЦ „Борис Трајковски“, за големото затворање на „Таксират“ пристигнуваат водечки светски, регионални и домашни музички уметници на електронската, рок, метал и трап/хип-хоп сцената.

На главната бина на „Таксират“, посетителите ќе имаат привилегија да уживаат во премиерниот настап во Македонија на фамозниот маестро Борис Брејча, истакнат суперхерој на светската електронска сцена и еден од најбараните изведувачи на денешницата, кој и покрај веќе трасираните музички правци, сепак, одлучи да создаде свој звук и дочека неговиот „хај-тек минимал“ да биде еден од најпопуларните електронски стилови денеска, а тој да настапува на сите најголеми светски фестивали со препознатливата „џокер“ маска.

Заедно со Брејча, од Германија пристигнува и неговата долгогодишна соработничка, извонредно харизматичната Ен Клу, позната по своите непредвидливи сетови и посебна енергија.

Главната бина на „Таксират“ оваа година има чест да биде домаќин на три исклучително значајни, легендарни музички имиња од македонската и регионалната сцена, и тоа неуништливите „Партибрејкерс“, еден од највлијателните и најистрајни рок-бендови во регионов, кои веќе 40 години воодушевуваат испорачувајќи моќен звук на сцена; култната македонска група „Мизар“, ѕвездата-водилка на македонската музичка авангарда и алтернативна рок-група која важи за пионер на дарк-вејв естетиката во регионот; и најзначајната македонска треш-метал група „Санаториум“, подеднакво култно име кое три децении е музичка лектира на балканската метал-сцена.

Втората бина, лоцирана во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“ е резервирана за највлијателниот трап/хип-хоп звук од земјава и регионот, кој ќе се чуе преку настапите на „З++“ од Хрватска, „Црни Церак“ од Србија и македонските предводници на жанрот „Бон Праскиза“, „Јанг Дади“, „Ајри Скреч“ и „Шорти Пи“.

Третата бина „Сајлент диско“ ќе понуди музичка селекција од страна на три докажани диџејски имиња кои владеат со подиумите низ македонските клубови, а кои оваа вечер во исто време ќе застанат зад диџејскиот пулт, додека посетителите преку слушалки ќе можат да ги менуваат трите фреквенции избирајќи го својот омилен ритам за танц.

Влезот за посетителите ќе биде отворен во 19 часот. Влезот на фестивалот ќе се одвива според сите ковид-протоколи за присуство на културен настан, известија од „Пасворд продукција“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот