Такси превозот нема да поскапи, но нема веќе попуст

Такси превоз / Фото: Архива

И покрај драстичниот скок на цените на горивата, такси превозот во Скопје нема да поскапи, вели за „Слободен печат“, Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на авто-такси превозници од Скопје. Сепак, дел од такстистите, веќе го намалија редовниот попуст кој им го даваат на клиентите или пак сосема го укинаа.

Рајчановски додава дека цените на такси-превозот не се променети подолг период и тие изнесуваат 40 денари за старт и 25 денари за секој прејден километар. Во Скопје има 3.500 такси превозници,  нивниот број во континуитет се намалува, а 2.000 возачи се со лиценци. Рајчановски е дециден дека и натаму водат битка со нелојалната конкуренција, односно дивите таксисти. Инаку и покрај нивните постојани инсистирања да бидат меѓу првите кои ќе се вакцинираат против ковид -19, досега немало одговор од надлежните институции, па најголемиот дел од возачите тоа го сториле самоиницијативно во соседна Србија.

-Нема да има поскапување на превозот, иако дел од колегите кои до неодамна даваа 20, сега го намалија попустот на 10 отсто, а дел пак и сосема го укинаа. Цените на горивата ги следиме секојдневно, како и сите граѓани и ние сме загрижени, бидејќи тоа го отежнува работењето, но засега нема да има промени кај цените. Најголемиот дел од возилата се со нови мотори и возат на дизел и бензин, а тие постојано поскапуваат. Не помалку трошок имаат и оние кои возат на авто гас, чија што цена исто така се зголемува – објаснува Рајчановски.

Инаку, пандемијата го погоди и такси превозот, бидејќи граѓаните помалку ги користеа нивните услуги, а тоа се одрази и на бројот на превезени патници. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), лани во земјава биле превезени над 11 милиони патници, односно, таксистите од целата земја превезле 10,4 милиони патници во градскиот превоз, додека такси превозот во меѓуградскиот превоз го користеле 679.000 патници.

-Со 1.860 патнички автомобили опфатени во истражувањето, се изминати вкупно 51,3 милиони километри, од кои 45,5 милиони во градскиот превоз, додека во меѓуградскиот превоз се остварени 5,8 милиони километри. Податоците за такси-превозот се добиени од 241 извештајна единица – стои во Извештајот на ДЗС за 2020 година.

Статистичките податоци покажуваат дека во периодот на пандемијата лани, превозот на патници кои се возеле со такси бил повеќе од тројно намален во споредба со 2019 година, кога биле превезени 39 милиони патници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот