Тајван: Кина спроведе генерална проба за инвазија

ФОТО: Тајванска морнарица | EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Шефот на дипломатијата на Тајпеј истакна дека кинеската операција била подготвувана внимателно и долго, а не набрзина, како реакција на посетата на спикерката на Претставничкиот дом на САД

Воените вежби на Кина во шест зони околу Тајван биле генерална проба за операција за воена инвазија врз островот, а посетата на Ненси Пелоси на Тајпеј само послужила како повод, оцени шефот на тајванската дипломатија Џозеф Ву.

Кина од четвртокот до неделата ги спроведе досега најголемите воени вежби насочени кон Тајван, со користење боева муниција и стрелање балистички проектили. За време на вежбите кинески авиони и бродови повеќе од стопати ја повредиле линијата на разграничување и практично четири дена ги блокираa сите морски и воздушни пристаништа на Тајван. Веднаш штом ги заврши големите воени вежби, Кина почна нови, со помал обем, а реагираше и Тајван, кој деновиве ги спроведува редовните вежби на одбрана од евентуален кинески десант.

– Кина ги искористи воените вежби за да стекне искуство за вистинска инвазија на Тајван. Таа спроведува обемни воени вежби, придружени со лансирање проектили, кибернетски напади, ширење дезинформации и економско задушување, како обид да го скрши јавниот морал во Тајван – изјави министерот Ву.

Шефот на дипломатијата на Тајпеј истакна дека операцијата била подготвувана внимателно и долго, а не на брзина, како реакција на посетата на спикерката на Претставничкиот дом на САД.

– Јастребите на повисоките позиции во Комунистичката партија на Кина веројатно се среќни поради посетата на Пелоси на Тајпеј. Госпоѓата Пелоси им отвори прозорец и тие го искористија – оцени Стивен Мекдоналд од Би-би-си.

Министерот Ву тврди дека тактиката на Кина, вклучувајќи ги и лансирањата балистички проектили, е да се обесхрабрат други земји да се вмешаат во плановите на Пекинг за инвазија врз Тајван.

– Реалната цел на Кина е да ја наруши ситуацијата статус кво и во Тајванскиот Проток и во целиот регион – изјави Ву.

Тој додава дека со евентуалното заземање на островот, Кина би обезбедила контрола на најкористениот поморски пат во светот, од Жолто Море на Север до Јужно Кинеско Море на југ.

– Кина презеде насочени акции преку линијата на раздвојување, која се почитуваше долго време, и сега веројатно ќе се обидува редовно да го нарушува принципиелниот договор. Но, амбициите на Пекинг нема да завршат тука – оцени министерот Ву, алудирајќи на договорите за соработка што Пекинг ги склучува со пацифичките острови, како и со земјите во Југоисточна Азија, во Африка и во Латинска Америка.

Пекинг го смета Тајван за составен дел од Кина и најавува дека ќе го реинтегрира со мирни средства или со сила, ако е неопходно, наспроти поддршката од Вашингтон за властите во Тајпеј за одбрана на независноста.

Ву предупреди дека Тајван со големо внимание ги следи кинеските вежби и се брани од упорните кибернетски напади, за кои истакна дека доаѓаат „од Кина и од Русија“.

– Ниту ќе нѐ испаничат ниту ќе нѐ победат. Никој не може да ни ги одземе вредностите на слободата и демократијата – изјави Ву.

Уште пред посетата на Пелоси на Тајпеј, на Тајван беа спроведени вежби за цивилна заштита, со проверка на системите за тревога. Редовните воени вежби, како и секоја година во ова време, опфаќаат одбивање десант, при што се користи бојна муниција.

Командата на кинеските сили за источното крило, пак, објави дека новите вежби се фокусираат на антиподморнички операции и напади врз бродови. Не беа објавени предупредувања за избегнување на воздушен простор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот