Тајната вечера на Макрон и Заев

Нано Ружин / Фото: Слободен печат

Заев силно се зближи со Србија на Вучиќ, кој отворено ја критикуваше ЕУ за нејзината антиковид политика. Тој беше гостин на уште една значајна дипломатска вечера во Истанбул на покана на Ердоган. Веројатно во кабинетот на Макрон почнаа да се прашуваат „кон кого може да инклинира малата Северна Македонија и нели е крајно време на оваа држава да ѝ дадеме малку европски озон?“

Ненадејната покана за дипломатската вечера на Макрон кон Заев во јавното мислење и меѓу политичката елита на Северна Македонија одекна позитивно, како обид за воспоставување „привилегиран однос меѓу нив“. Од политичката практика, Заев беше свесен дека за време на дипломатска вечера секој се труди вечерата и разговорите да се завршат без проблеми. Додека трае вечерата, вообичаено е да не се преговара, туку да се покаже емпатија кон сите за   позитивен епилог. Дури со привршувањето на вечерата, кога на ред доаѓаат надалеку познатите француски сирења „камамбер“, „бри“, „рокфор“, „комте“ со  чашка од афирмираните вина „Бордо“, „Кот ди Рон“ или некој друг бренд, препорачани од шефот на кујната на Елизе Матињон, култниот Гијом Гомез, двајцата соговорници, Макрон и Заев, според дипломатскиот  протокол што не е задолжителен, можеле да разменат мислења за значајни теми.

 

Комплименти за Преспанскиот договор

 

Во недостиг на информации можеме да се обидеме да ги исконструираме темите на разговорот што двајцата лидери ги развија за време на дневната прес-конференција пред дипломатската вечера. Домаќинот Макрон ја поддржа „храброста и визијата на Заев и на Ципрас за Преспанскиот договор, како пронајден модел и за другите проблематични прашања на З. Балкан“. Потоа ја поддржа европската патека на Заев и реформите интензивирани од 2017 и затоа подвлече дека „С. Македонија заслужува веднаш да ги почне преговорите со ЕУ“, патем еуфемистички истакна дека „понекогаш Франција била тежок партнер“, но дека тоа било „само за доброто на С. Македонија“.

Дали Макрон се освести за превидот поради кој се оддолжи добивањето датум за отпочнување на преговорите, што влијаеше малата снежна топка да се претвори во лавина на  бугарските ревандикации кон јазикот и идентитетот? Тоа само можеме да претпоставуваме. Макрон во стилот на старата француска дипломатска школа ја понуди и алатката за посредување во спорот меѓу Софија и Скопје за изнаоѓање „урамнотежено и компромисно решение“. Овие пораки беа прифатени со големо задоволство од Заев, кој сепак стави до знаење дека „за јазикот и идентитетот не се преговара“.

Што го иницира Макрон да го покани Заев на дипломатска вечера? Биографите на Макрон го опишуваат како студен калкулант, со изострен политички талент. Во своите усни интервенции покажа дека станува збор за политичар со цврсти убедувања, секогаш пасиониран за преземање акции, но и голем агитатор на идеи. Во однос на Европа, за време на претпоследната средба со сите француски амбасадори истакна дека „Франција е за една посуверена, поединствена и подемократска Европа, која е соочена со екстремизми, национализми, брегзит“. Во оваа Европа на брегзит, порача дека е „исклучена можноста за почнување преговори со балканските држави“. Критикувајќи ја политиката на Путин и на Ердоган, Макрон ја исклучи можноста за стратешкото партнерство со Турција или со Русија. „Тоа би бил нереално и хипокритично“, исто како и „членството на Турција во ЕУ“.

Што навистина го натера Макрон да ја покани македонската делегација на вечера во палатата Елизе-Матињон? Одговорот на ова прашање е комплексно и може да се пронајде во повеќе фактори, иако ниту француските медиуми ниту македонските новинари не беа доволно известени за деталите од разговорите.

Еден од позначајните е факторот време во изминативе две години. На Западен  Балкан почнаа да се случуваат работи од кои јавно стравуваше и самиот Макрон. Во 2019 година изјави дека „државите од Западен Балкан мора да ги заштитиме од продорот на Русија, Кина, Турција и да водиме една урамнотежена политика кон нивната европска перспектива“. Кризата со пандемијата покажа дека Србија, која отворено соработуваше со Русија и Кина, најдобро се  соочи со оваа криза, додека кинеските и руските вакцини освен на Балканот се пробија и во некои држави членки на ЕУ. Во овој контекст претпоставуваме дека Макрон се сети на својата строга политика кон С Македонија и Албанија во 2018/20 година, но проблемот со Македонија дегенерираше со ирационалните ревандикации на Бугарија.

 

Врски со Србија

 

Добар дел од јавното мислење на С Македонија почна да ја обвинува стратегијата на Макрон како најголем виновник за недобивањето датум за преговори со ЕУ. Кон таквите критики се придружија и некои значајни министри од владата на Заев. Француската дипломатија долго време остана индиферентна и незаинтересирана за ресетирање на политиката кон С Македонија и Албанија. Конечно, по четири години чекање на нашите МНР, минатиот месец македонскиот МНР Османи за првпат успеа да се сретне во Ке д’Орсеј, со МНР Жан Ив Ле Дријан. Тоа беше добар знак дека Франција се буди од катарзата кон Балканот и дека во иднина можеме да сметаме на силината на Макрон и на француската дипломатија.

Во меѓувреме Заев силно се зближи со Србија на Вучиќ, кој отворено ја критикуваше ЕУ по повод нејзината антиковид-политика. Минатата недела Заев беше гостин на уште една значајна дипломатска вечер, во Истанбул на покана на турскиот претседател Ердоган. Веројатно во кабинетот на Макрон почнаа да се прашуваат, „кон кого може да инклинира малата Северна Македонија и нели е крајно време на оваа држава да ѝ дадеме малку европски озон?“

Меѓутоа, можеби најзначаен фактор за мотивирање на Макрон беше декретот на Бајден за   замрзнување и забрана на влез во САД за сите оние што ги поткопуваат договорите од Охрид и од Преспа, оние што практикуваат лажни вести и популистички манипулации, големите кралеви на корупцијата и организираниот криминал.

На списокот се најдоа и неколку бугарски и албански тајкуни и политичари, а тој веројатно ќе се надополнува. Во тој контекст, апсурдно  е  водечкиот лидер на ЕУ да биде помалку заинтересиран за регионот кој и географски и историски ѝ припаѓа на Европа. Затоа промената на курсот на политиката на Макрон кон С Македонија е компатибилна со политиката на Џо Бајден. Тоа е за поздравување, а со пријателскиот тон и расположение за време на вечерата, претпоставувам во Празничната сала на Елизе Матињон, уште еднаш помеѓу „камамберот“ и „коњакот“ Заев  го потсетил својот нов моќен пријател месје Макрон дека „јазикот и идентитетот не можат да се предмет на преговори со Софија“. Французите барем тоа го разбираат. Иако уште од времето на големиот Волтер се склони кон критики на утврдените морални и верски вредности, тие се длабоко горди на нивниот галски идентитет и јазик.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот