Тајната служба доби адреса: Премиерот!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Политичката дебата што со месеци се одвиваше зад сцената, а сега во фул-монти стил ќе се одигрува на самата сцена, околу реформите на тајните служби во Македонија, има значења што не смеат да се потценат.

Расправата се водеше во, најблаго речено, компликувани услови. Најнапред, историското наследство на службите е контроверзно уште од раните деведесетти, со постојани подеми и падови диктирани од константните политички влијанија и директни замешателства во нив, но она што се случуваше во периодот на втората половина на режимот на Груевски не може поинаку да се квалификува, освен како професионален, правен и морално-политички ужас кој, на крајот, политички му пресуди и на самото владеење на Фамилијата. За правните пресуди ќе причекаме.

Во таков свеж контекст се одвива и сегашната дебата, бидејќи мноштво од кадрите и самиот менталитет на тајните служби (во сите три, а особено во УБК) се, главно, непроменети, веќе од првиот ходник лево на новите структури кои управуваат со нив. Спроведувањето на еволутивната кадровска политика на промени, до сега, е далеку под револуционерните очекувања на јавноста. Службите се сè уште полни со голем број вработени со посебни овластувања за кои би морало да постои посебно место во „пеколот“ на правната држава.

Од друга страна, факт е дека во последните дваесетина месеци во и околу државата се случуваа настани од многу висок безбедносен ризик – референдум, избори, важни државнички посети, протести, закани од тероризам, криминали и домашни и меѓународни политички процеси и интриги со усвитено набиен интензитет – со кои службите, како и целиот безбедносен систем, одлично се понесоа, не дозволувајќи позначајни нарушувања на јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните.

Тоа, да не заборавиме, сепак е примарниот опис на нивната работа. Тој важен тест го положија со одлична оценка. До тука.

Ах, да, се случи и бегството на Груевски за што, во недостиг на опипливи резултати од истрагата, уште се води академска расправа за степенот на вината на тајните служби. Но, во целиот контекст, тој инцидент би можел да се квалификува како „изолиран“, иако ќе биде интересно, еден ден, макар и мемоаристички, да се дефинира каде и кој ги направил пропустите за пребегот да биде реализиран. Здравиот разум вели дека или се работи за епохална безбедносна непрофесионалност, а можеби и некаква дискретна асистенција; или, повторно, за политички одлуки кои се носени вон професионалните овластувања на самиот безбедносен апарат.

Па, сепак, во целиот тој зовриен период се скицираа и се промовираа, со задоволително учество на сите заинтересирани страни (како и на „нашите меѓународни партнери“, што би рекол Хари Локвенец, претседателот на Собраниската комисија за одбрана и безбедност), реформи коишто резултираа со формирањето на ОТА, со донесувањето на Законот за следење на комуникации, а сега и со усвојувањето на новиот Закон за Агенцијата за национална безбедност. За востановувањето на Агенцијата гласаше и опозицијата и независните пратеници во Собранието. При неговото спроведување, особено при ветирањето на вработените, наскоро ќе дознаеме дали е тоа правено заради некаков персонален и политички „пазар“ или со искрени намери за подобрување на „здравјето“ на домашната цивилна тајна служба.

Од Фросина Ременски и од неколкуте други критички настроени парламентарци од собраниското мнозинство треба да се очекува, со силна поддршка од јавноста, да останат будни и доследни критичари на спроведувањето на овој Закон. Помалку треба да ни е гајле кои се шпекулациите за нивните мотиви, од тоа јавниот интерес да биде гласно промовиран во натамошните потези со кои Законот треба да ги заживее суштинските реформи во тајните служби.

Законите, како што се знае, се букви на хартија; животот е во нивното (не)спроведување. „Ништо повеќе нема да биде како порано“, вели Локвенец по донесувањето на овој Закон. Може, а и не мора да значи. Нема закон што не може да се злоупотреби и нема служба што не може да излезе вон цивилна контрола. Ако некој и сега мисли поинаку, опасно се занесува.

И добро е, иако не е без контроверзи, тоа што се зголемија овластувањата на премиерот во разузнавачко-безбедносната сфера. Вака, кога ќе има потфрлања, да знаеме веднаш од кого ќе се бара највисоката одговорност и кој ќе треба да ја плати сметката. А не, на пример, како до сега, да имаме дилеми дали нему можеме да му го поставиме прашањето: „Премиере, како ви побегна Груевски?“

Извор: Цивил медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот