Тага во Еквадор: На 22 години почина фудбалскиот репрезентативец Марко Ангуло
Тажна вест доаѓа од Еквадор каде почина фудбалскиот репрезентативец на оваа земја, Марко Ангуло. Ангуло (22) почина во болница, соопшти неговиот клуб ЛДУ Кито. Лекарите 35 дена се бореле за неговиот живот по страшната сообраќајна несреќа, но за жал на крајот немало начин да го спасат и неговото срце престанало да чука.
Поради сериозноста на повредите, Ангуло веднаш бил опериран, бил на интензивна нега, во неколку наврати лекарите се обидувале да го спасат и повторно да го оперираат, но и тоа не било доволно.
Тој важеше за еден од најголемите таленти во Еквадор во последните години и одигра вкупно два натпревари за Еквадор. Последниот беше на пријателскиот натпревар против Австралија минатата година, кога влезе од клупата, а во исто време трпеливо ја градеше кариерата на клупски план.
Играше за Индепендиенте дел Вале кој го освои младинскиот Копа Либертадорес, што му донесе преселба во МЛС каде потпиша за Синсинати, но брзо се врати во родниот Еквадор и се пресели во ЛДУ Кито и беше на теренот за овој клуб пред несреќата. .
Во страшната сообраќајна несреќа загинаа уште две лица, меѓу кои и фудбалерот Роберто Кабезас.