Тачи: Во понеделник Беса ќе се спои со СДСМ, Алтернатива со ДУИ, а Алијанса со ДПА

Мендух Тачи во гостување на ТВ21 / 26 октомври 2021 / фото: ТВ21/принтскрин

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, вечерва гостуваше на ТВ21 и изјави дека премиерот Зоран Заев „сѐ уште има голема поддршка на меѓународната заедница“ и оти тоа е една од причините поради кои Владата и мнозинството во Собранието се стабилни.

Тачи најави крупни промени во структурата на албанскиот политички блок и во партиското милје на земјава, која според него ќе се случи веднаш по вториот круг од изборите во недела.

„Во последните пет години, многу се инвестираше во Македонија и тие нема да дозволат оваа влада да падне толку лесно. Ќе видите во понеделник – Беса ќе се спои со СДСМ, Алтернатива ќе стане дел од ДУИ, а Алијанса од ДПА,“ изјави тој.

Политичкиот ветеран и основач на ДПА, која во првиот круг го оствари најслабиот резултат досега на едни локални избори, вчера потпиша договор за коалиција со некогашниот лут политички противник – ДУИ на Али Ахмети за поддршка на ДПА за Теута Арифи во Тетово и за сите општини во кои ДУИ има кандидати во вториот круг.

Во вечерашната емисија „Клик плус“ на ТВ21, Тачи потсети и дека владејачките партии имале договор во првиот круг од локалните избори да настапат самостојно, а во вториот да одат заедно.

„Имавме договор со сите коалициски партнери да се натпреваруваме самостојно во првиот круг, да видиме кој колку тежи. Ако ги собереме гласовите за сите партии од коалицијата, разликата е повеќе од сто илјади гласа пред опозицијата“, рече лидерот на ДПА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот