Тачи: Реципроцитетот воведен синоќа е продолжение на „патриотските измами“ на Курти и погрешни одлуки

Хашим Тачи/ фото: МИА

Според одлуката на Владата, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово треба да го користи името и грбот на Косово во фитосанитарните и ветеринарните сертификати.

Претседателот на Косово Хашим Тачи оцени дека синоќешната одлука на Владата на Косово за дополнителни мерки на реципроцитет во трговијата со Србија е продолжение на „патриотските измами“ на одлуките на вршителот на должност премиер Албин Курти во донесувањето на стратешки погрешни одлуки.

„Косово ја стекна слободата и државноста со поддршка на САД и европските партнери, и само со таа поддршка и партнерство иднината ќе биде сигурна. Секое кршење на тие односи е закана за државата и закана за иднината на Косово“, напиша Тачи на Фејсбук.

Тачи оцени дека Курти, пред да си оди од местото премиер, продолжил да презема чекори спротивни на барањата и очекувањата на САД и ЕУ, доведувајќи во опасност „се што е постигнато и изградено за повеќе од две децении“.

Владата на Косово во саботата одржа седница на која одлучи да ја промени и дополни одлуката за „етапна примена на реципроцитетот“, како принцип во односите со Србија.

По објавата на Владата, со измена на претходната одлука за трговски односи со Србија се воведува забрана за користењето на пропратните трговски документи за земјоделски и индустриски производи во кои називите на места и други елементи „се спротивни на Уставот на Република Косово“, односно се користат називи на места на Косово, но без да се наведе името на државата, што се смета дека „не се однесуваат на Република Косово“ или ако содржат „било кој елемент која ја негира независноста и суверенитетот на Република Косово“.

Владата укажува дека „таквите документи нема да бидат прифатени, и увозот на стока нема да биде можен“.

Според одлуката на Владата, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово треба да го користи името и грбот на Косово во фитосанитарните и ветеринарните сертификати.

„На економските оператори од Србија мора да им се обезбеди влезна дозвола за секое возило со стока кое влегува во Република Косово. Барањето за дозвола за влез се поднесува со допис или имејл до Канцеларијата за врски на Република Косово во Србија“; стои во одлуката на владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот