Тачи: Никој не може да ме убеди дека Русија не подготвуваше црно сценарио во Македонија

Мендух Тачи во гостување на ТВ21 / 16 ноември 2021 / фото: ТВ21/принтскрин

Лидерот на ДПА Мендух Тачи, вечерва е гостин на ТВ21, каде зборува за актуелните политички теми во земјата. Тој вели дека актуелното мнозинство има 61 пратеник, но дека така „е опасно да се води државата“.

„Имаме 61 пратеник, но со 61 е опасно да се води државата. Немаме стабилност. Сега е сериозно време Заев да направи напори и сериозно да разговара со претставници на БЕСА и Алтернатива. Дали тие партии се за ЕУ или за дестабилизација на државата“, рече Тачи.

Лидерот на ДПА искажа загриженост за постоење на руско влијание во земјава.

„Се подготвуваше црно сценарио за Македонија. Никој не може да ме убеди дека и Русија нема влијание тука. Ова е сериозна закана за државата. Исто така убеден сум дека сега Мицкоски не сака да биде премиер. Тој калкулира. Сака да имаме техничка влада со премиер Албанец, со тоа ќе расте бројот на гласачи за ВМРО-ДПМНЕ, па потоа на избори да добие поголем број на пратеници“, изјави Тачи.

Лидерот на ДПА рече и дека со најавената оставка од премиерската функција, Заев придонел за дестабилизација на земјата.

„Сите коалициски партнери имаме договор со Заев. Несериозно е од негова страна. Имаме сериозни предизвици пред нас. Заев е лидер кој покажа дека може да ги води процесите напред. Да, имаме 61 пратеник, но реков дека тоа е опасно за државата. Треба силна влада. Се подготвуваат црни сценарија, затоа е важно да имаме стабилна влада.“, рече Тачи.

Според лидерот на ДПА, Заев „не ги почитувал доволно БЕСА и ДПА“, велејќи дека многу од ветувањата кон нив не се исполнети поради тоа што ДУИ не дозволувала.

„Ние имаме договор со СДСМ, не со ДУИ. Многу од нашите барања кои беа договорени при составување на оваа владина коалиција, не се реализирани од СДСМ. Но, ние молчевме. Молчевме за да дадеме шанса процесите да одат напред. БЕСА тука се налутија, не се реализирани многу кадровски ветувања. Истото е и со нас. Заев ни велеше дека проблемот не е до него, туку дека ДУИ не дава. Сепак, сега е друго време и не треба да се враќаме на ова. Сега е време да се даде поддршка на актуелното мнозинство, за на 15 декември да добиеме датум“, рече Тачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот