Тачи ја повика владата на Курти да не се служи со „конфузија, измислици и глупости”

Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Косовскиот претседател Хашим Тачи ги нарече „ординарна клевета, закана и уцена” тврдењата на вршителот на должноста министер за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља дека илегално го внел од Албанија во Косово, со својот службен автомобил, лидерот на Алијансата ново Косово (АКР) и пратеник во републичкото Собрание Беџет Пацоли, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи во изјава за ТВ Дукаѓини синоќа ги отфрли и обвинувањата на Свечља дека го прекршил државниот протокол со тоа што не ја пријавил посетата на Албанија, тврдејќи дека во вторникот во соседната земја отпатувал според истите процедури како и во изминатите 20 години, од ослободувањето на Косово.

Владата предводена од вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти, Тачи ја нарече „злосторничко здружение ” и им порача на министерот за внатрешни и на премиерот дека, ако им треба, можат да го најдат во неговиот дом.

– Ако ги интересира Свечља и Курти мојата локација, јас сум дома. Ги повикувам да не се служат со конфузија, измислици и глупости и да не се закануваат на луѓе од политиката и на пратеници, во случајов и на господинот Пацоли. На министерот и на неговиот шеф, како и на сето нивно злосторничко здружение јас им кажувам дека мојата локација е во мојот дом, порача Тачи.

Пратеникот и поранешен министер за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли, кој од почетокот на пандемијата на Ковид-19 престојува со семејството во неговата куќа во Швајцарија, во вторникот побара да се врати во земјата со неговиот приватен авион. Во прилог на барањето тој достави лекарски потврди од швајцарските здравствени власти дека изминатите две недели бил во карантин, под стручен лекарски надзор и не е заразен од новиот коронавирус.

Намерата му е, како што изјави, како народен пратеник да присуствува на седницата на Собранието што се очекува да се одржи наскоро и на која треба да се гласа за новата влада која треба да ја формираат партиите кои на 25 март изгласаа недоверба на кабинетот на Курти.

Владата во оставка, водена од Движењето самоопределување на Курти, му порача на Пацоли, кој се смета за најбогат бизнисмен во Косово, дека доколку се врати ќе биде сместен на 14 дена во државен карантин, што, според косовските медиуми, се прави во обид да се спречи обезбедувањето мнозинство во републичкото Собрание за изгласување на новата Влада. По овие најави од Приштина, Пацоли во вторникот со својот авион слета на аеродромот во Тирана.

Вршителот на должноста министер на косовската полиција, Свечља, синоќа изјави дека „има индиции” оти претседателот на државата незаконски го внел Пацоли од Албанија во Косово и порача дека доколку се испостави оти тие индиции се точни, Пацоли треба да одговара кривично за илегално преминување на границата, а Тачи да биде сместен во карантин поради „контакт со лице кое е можен носител на заразна болест”.

Засега нема информации за тоа каде се сместил пацоли откако допатува во Албанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот