Тачи до косовската делегација во Вашингтон: Преземете храбри чекори во преговорите со Србија

Фото: bbc.com

Претседателот на Косово, Хашим Тачи ѝ порача на косовската делегација, предводена од премиерот Авдулах Хоти да преземе „храбри чекори во правец на мирот“ на преговорите со српската делегација што денеска треба да започнат во Вашингтон, јави дописникот на МИА од Приштина. 

Преку објава на својот Твитер, Тачи ги поздрави заложбите на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот специјален пратеник за дијалогот меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, за средување на односите меѓу двете земји.

– Му ракоплескам на лидершипот на Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп и амбасадорот Ричард Гренел за тоа што повторно ги споија Косово и Србија во потрага по мировен договор. Ја охрабрувам косовската делегација да преземе храбри чекори во правец на мирот, признавањето и економскиот просперитет, напиша Тачи.

Амбасадорот Гренел утрово преку социјалните мрежи повика на нормализирање на економските односи меѓу Приштина и Белград и оставање настрана на политиката.

– Граѓаните на Косово и на Србија заслужуваат економска нормализација. Денес сум концентриран на младите кои сакаат кариера, подобра работа и поврзување со Западот. Сум ве слушнал. И ќе се трудам силно за вас. Да ја оставиме настрана политиката, порача Гренел на неговиот Твитер.

Новата рунда косовско-српски преговори што е планирано да трае два дена, треба да започне денеска напладне по американско време, со средба на водачите на двете делегации, косовскиот премиер Хоти и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот