СзС: Бојкот на собраниската седница и протест во четврток

Во пресрет на утре закажаната седница на српскиот Парламент, на која треба да биде потврдена одлуката за воведување на вонредна состојба и мерките во борбата против коронавирусот, пратениците на партиите и движења на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС) порачаа дека нема да присуствуваат на собраниската седница, бидејќи со тоа би го поддржале кршењето на Уставот, јави дописникот на МИА од Белград.

Лидерот на Движењето за пресврт, Јанко Веселиновиќ, најави дека ќе побара оценка на уставноста за воведување на вонредната состојба.

Пратениците од СзС најавија за в четврток во 18 часот одржување протест поради неуставното воведување на вонредна состојба и мерките на затворање на српските граѓани, а Веселиновиќ истакна дека нема да ги повикуваат граѓаните на протест.

Претседателот на Демократската партија (ДС) Зоран Лутовац изјави дека опозицијата ќе биде присутна во салата на српскиот Парламент за време на седницата, додека пратеникот на Народната странка (НС), Мирослав Алексиќ, порача дека опозицијата не сака да учествува на седница на Собранието, бидејќи таа преставува „фарса и претстава”.

Алексиќ истакна дека начинот на кој е свикана седницата е доказ дека Собранието е во служба на српската Влада и дека се е обратно – „наместо Парламентот да ја контролира Владата, тој ги сервисира Владата и претседателот”.

Лутовац нагласи дека Парламентот ќе послужи за потврда на одлуките на еден човек и дека одлуката на СзС за бојкот на изборите се покажала како исправна.

Претседателот на Двери, Бошко Обрадовиќ, оцени дека претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ го прекршиле Уставот и дека СзС ќе протестира пред српскиот Парламент в четврток во 18 часот против повторното затворање на граѓаните на „четири дена во четири sида”.

Лидерот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, во писмена изјава за медиумите, ја повика Владата да го повлече решението за воведување 83 часовен карантин за првомајските празници.

– Ве повикувам да ја повлечете мерката на затворање на шест милиони луѓе четири дена. Ве повикувам да се откажете од идејата од Србија да направите најголема темница во Европа, кажаа Ѓилас.

Тој ја повика Владата да ги утврди правила кои сите ќе ги почитуваат за време на празниците и по нив, што ќе овозможи зачувување на здравјето, „но достоинствено”.

Ѓилас оцени дека цената која ја плаќаат граѓаните поради „некомпетентноста, ароганцијата, лудилото, незнаењето и лагите” на власта е огромна, додавајќи дека граѓаните тоа „никогаш нема да го заборават”.

– Сакате да не затворите повторно повеќе од 80 часа, додека ни говорите дека вирусот е под контрола, дека победата е тука, кажа Ѓилас, оценувајќи дека нема причина Србија „единствена во Европа да биде затворена ниту за еден викенд, а особено не четири дена”.

Жителите на Белград синоќа на повик на движењето „Да не го давиме Белград” во 20 часот, удирајќи во тенџериња и дувајќи со свирчиња, го изразија своето незадоволство во рамки на акцијата „Дигни го гласот: Со бучава против диктатурата”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот