СЗО предупредува на „алармантната брзина“ со која се шири коронавирусот во Европа

Регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге посочи дека бројот на инфекции во септември „треба да послужи како повик за будење“.

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на „алармантната брзина“ со која се шири коронавирусот во Европа и апелираше до сите земји да не го скратуваат времетраењето на карантин.

Регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге посочи дека бројот на инфекции во септември „треба да послужи како повик за будење“.

-Иако овие бројки се резултат на зголемено тестирање, тие исто така ја покажуваат брзината со која се шири вирусот во регионот- рече Клуге на онлајн конференцијата во Копенхаген.

Клуге рече дека СЗО нема да ги промени упатствата што препорачуваат 14-дневен карантин за сите што биле изложени на коронавирус.

-Нашата препорака за карантин од 14 дена се заснова врз нашето разбирање за периодот на инкубација и преносот на болеста. Тоа би го ревидирале само врз основа на промена во нашето разбирање за науката- рече Кетрин Смолвуд, задолжена за итни ситуации на СЗО во Европа.

Во Франција, на пример, препорачаното времетраење на самоизолацијата е намалено на седум дена.

Во Велика Британија и Ирска, карантинот трае 10 дена, а неколку други европски земји, како што се Португалија и Хрватска, во моментов размислуваат за скратување на времетраењето на самоизолацијата.

Според податоците со кои располага СЗО, 53 земји-членки на СЗО во Европа забележале скоро 5 милиони случаи на Ковид-19 и повеќе од 227 илјади смртни случаи.

Бројот на евидентирани дневни случаи е помеѓу 40 000 и 50 000, што е споредливо со дневниот максимум од 43 000 на 1 април – иако тестирањето е значително зголемено во многу земји.

Новиот рекорд беше поставен на 11 септември, со регистрирани околу 54.000 случаи за 24 часа, пренесува Гардијан.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот