СЗО побара сите луѓе во светот да донираат по седум долари за вакцини против ковид-19

Тедрос Аданом Гебрејесус
Тедрос Аданом Гебрејесус / Фото: EPA-EFE/SALVATORE DI NOLFI

Светската здравствена организација (СЗО) ги повика сите во светот да донираат по седум американски долари за да обезбедат дополнителни средства за меѓународната програма за споделување вакцини против коронавирус Ковакс.

Најавувајќи ја донаторската кампања, генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус истакна дека се дава можност на сите што сакаат лично да придонесат за вакцинирање ширум светот со скромна донација од седум долари и на тој начин да помогнат во прекинување на пандемијата.

Според СЗО, седум долари можат да ги покријат трошоците за купување и доставување единечна доза вакцина на некого во земја со ниски примања. Кампањата исто така ќе се обиде да обезбеди дополнителни средства преку компании чии вработени и клиенти ќе бидат поканети да се вклучат со донација.

„Најдобар начин за излез од пандемијата е сите да бидат вакцинирани, на чело со здравствените работници и најранливите групи во светот”, се наведува во соопштението на шефот на СЗО.

Планирано е кампањата да биде покрената земја по земја следната година, почнувајќи од Велика Британија, САД, Израел и Кенија. Кампањата е поддржана и од глобални добротворни организации и компании.

Платформата Ковакс има за цел да обезбеди две милијарди дози вакцини за земјите со пониски примања до крајот на оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот