СЗО: Мобилните телефони не се поврзани со зголемениот ризик од рак на мозок

Фото: Pexels / fauxels

Нема поврзаност помеѓу употребата на мобилни телефони и зголемениот ризик од рак на мозокот, покажува новиот преглед на докази од целиот свет, објавен од Светската здравствена организација (СЗО).

И покрај огромниот пораст на употребата на безжични технологии, немаше зголемен ризик од рак на мозокот, што важи и за луѓето кои остваруваат долги телефонски разговори, или користат мобилни телефони повеќе од една деценија, пренесува „Ројтерс“.

Конечната анализа опфати 63 студии од 1994 до 2022 година, во кои учествуваа 11 истражувачи од 10 земји. Во студиите се проценувани ефектите на радио зрачењето што го емитуваат мобилните телефони, како и телевизорите, мониторите за бебиња и радарите, рече Марк Елвуд, професор по епидемиологија на рак на Универзитетот во Окленд во Нов Зеланд и коавтор на студијата.

„Ниту едно од главните испитувани прашања не покажа зголемени ризици“, изјавил тој.

Студиите го разгледаа ракот на мозокот кај возрасните и децата, како и поврзаноста на зрачењето со употребата на мобилни телефони, базни станици или предаватели. Посебно ќе бидат објавени ефектите од користењето мобилни телефони врз другите видови на рак.

СЗО и другите меѓународни здравствени тела претходно соопштија дека нема дефинитивен доказ за штетните здравствени ефекти од зрачењето што го емитуваат мобилните телефони, но побараа повеќе истражувања.

Во моментов, Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) го класифицира зрачењето на телефонот како „можно канцерогено“ или класа 2Б, што е категорија што се користи кога не може да се исклучи потенцијалната врска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот