СЗО: Коронавирусот мутирал откако почнал да се шири низ светот

Новиот коронавирус мутирал и неговата варијација доминира во светот кој, според истражувачките тимови од Америка и од Велика Британија, е три до шестпати позаразен од оригиналниот вид овој вирус со потекло од Кина.

Речиси 30 отсто примероци од геномот на вирусот причинител ковид-19 што ги собрала Светската здравствена организација (СЗО) имале знаци на мутација, но нема докази дека тоа довело до потешка форма на болеста, рече функционерката на таа организација.

– Мислам дека тоа е мошне распространето. СЗО собра 60.000 примероци на вируси досега – рекла Сомија Сваминатан, главен научник на СЗО, за „Ројтерс“ на маргините на конференцијата на Здружението на новинари на ОН (АКАНУ) во Женева, објави Хина.

Научниците од истражувачкиот центар „Скрипс“ овој месец откриле дека до април кај 65 отсто случаи на болести во светот станувало збор за мутираниот вирус.

Генетската мутација на новиот коронавирус, со ознака D614G, значително ја зголемува неговата способност да ги зарази клетките, па би можело да објасни зошто болеста во северна Италија и во Њујорк се ширела побрзо отколку порано во текот на пандемијата, оцениле во студијата.

Мутираниот вирус циркулирал во Европа и во Америка

Марија ван Керхов, епидемиолог од СЗО, рекла дека мутираниот сој на вирусот е идентификуван уште во февруари и кружел во Европа и во Америка.

– Засега нема докази дека тоа води кон потешка форма на болеста – рекла таа.

Лидерот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рекол дека организацијата наскоро треба да ги добие резултатите од клиничките испитувања на лековите што би можеле да бидат ефикасни во лекувањето на ковид-19.

– Речиси 5.500 пациенти во 39 земји во моментов се вклучени во испитувањата – рекол тој, осврнувајќи се на клиничките испитувања што ги води агенцијата на ОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот