СЗО и ЕЦДЦ: Не смееме да го занемариме ХИВ вирусот на сметка на ковид-19

Фото: EPA-EFE/SALVATORE DI NOLFI

Бројот на луѓе кои живеат со недијагностициран ХИВ во Европа се зголемува и само во 2019 година, вирусот е дијагностициран кај повеќе од 136.000 лица, покажуваат денеска објавените податоци од Европскиот центар за контрола на болести (ЕЦДЦ) и Светската здравствена организација (СЗО) за Европа.

Околу 20 проценти од овие случаи се дијагностицирани во Европската Унија (ЕУ) и 80 проценти во источниот дел на европскиот регион.

Секој втор случај на ХИВ се открива во доцна фаза на инфекцијата, кога имунолошкиот систем веќе почнал да опаѓа. Ова е знак дека стратегиите за тестирање во регионот не даваат соодветни резултати за рано дијагностицирање.

Во последната деценија, бројот на дијагностицирани со СИДА, односно последната фаза на нелекувана ХИВ инфекција, е преполовен, а целта да се стави крај на епидемијата на СИДА до 2030 година е достижна.

Сепак, според заедничката изјава на СЗО и ЕЦДЦ, проблемот е во доцното дијагностифицирање на ХИВ инфекцијата.

– Се сеќавам кога дијагнозата за ХИВ изгледаше како смртна казна. Сега, со соодветна терапија, луѓето со ХИВ можат да живеат без страв од СИДА. Овие податоци се од 2019 година и прашањето во 2020 година мора да биде како пандемијата ќе влијае на тестирањето до крајот на 2021 година, изјави Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

Тој додаде дека приоритет е да се продолжи со тестирање за ХИВ и лекување на болните.

– Не смееме да дозволиме пандемијата да ни ја одземе иднината без СИДА, што е на наш дофат, истакна Клуге.

Директорот на ЕЦДЦ, Андреа Амон, рече дека и покрај фокусот на пандемијата на ковид-19, другите прашања важни за јавното здравје, како што е ХИВ, не смеат да се занемарат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот