СЗО ги отфрли обвинувањата дека стратегијата за следење на контакти на заразени со коронавирусот е неефикасна

Фото: Профимедиа

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус ги отфрли обвинувањата од страна на некои земји дека стратегијата за следење на контактите на заразените со коронавирус е премногу тешка за спроведување и дека е неефикасна во контролата на пандемијата.

СЗО повеќе пати ги советуваше земјите дека запирањето на епидемијата на Ковид-19 бара силна стратегија за следење контакти, интензивен процес за пронаоѓање луѓе кои биле во контакт со заразените и нивна изолација.

Во последните месеци, земји со голем број заразени лица, вклучително и Велика Британија и Соединетите Американски Држави, посочија дека има премногу контакти за да се најде ефикасен систем што може да се воспостави.

Британија се обврза да воспостави систем за следење контакти на почетокот од овој месец, но на крајот се откажа од дигиталната апликација што ја разви за таа цел, а политичарите признаа дека програмата сè уште не работи целосно и покрај тоа што се ангажирани илјадници работници.

Во последните неколку недели, британските здравствени власти соопштија дека нивните трагачи за контакти не успеале да дојдат до четвртина од луѓето заразени со вирусот, оставајќи така илјадници заразени да ја пренесат инфекцијата.

На прес-конференција, Гебрејесус го наведе директорот за вонредни состојби, д-р Мајкл Рајан, како пример на некој кој е подготвен да започне со долга потрага по контакти, посочувајќи го ангажманот на Рајан за време на епидемијата на ебола во дел од Конго каде вооружени групи напаѓале и убивале здравствени работници.

– Тој веруваше дека треба да стори сé за да ја запре еболата и покажа дека спасувањето животи навистина го бара тоа ниво на посветеност, рече Гебрејесус.

Тој истакна дека тврдењата на некои земји дека има премногу контакти за пребарување и дека самиот процес е претежок, не се прифатливи.

Гебрејесус претходно ги пофали програмите за барање контакти што ги воведоа земји како Јужна Кореја, Сингапур и Кина, во кои беа вклучени тимови здравствени работници кои набљудуваа десетици илјади луѓе и се грижеа оние кои се изложени на вирусот да бидат изолирани.

Тој рече дека денеска се навршуваат шест месеци откако Кина првпат го извести СЗО за невообичаени случаи на пневмонија, првиот знак на коронавирус. Оттогаш, повеќе од 10 милиони луѓе се заразени низ целиот свет, а повеќе од 500.000 починаа.

СЗО наведе дека пандемијата се „забрзува”, посебно во Америка.

– Суровата реалност е дека ова не е ниту приближно до крајот, рече генералниот директор на СЗО, додавајќи дека „најлошото допрва следи”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот