СЗО: Епидемијата во Вухан била многу поголема отколку што се мисли

epa-efe
Коронавирус во Кина, Фото: EPA-EFE/ALEX PLAVEVSKI

Експертите на Светската здравствена организација (СЗО) што го истражуваат потеклото на коронавирусот во Кина откриле знаци дека епидемијата во Вухан во декември 2019 година била многу поширока отколку што се сметаше и итно бараат пристап до стотици илјади примероци од крв што Кина досега не им дозволуваше да ги испитаат.

Главниот истражувач на мисијата на СЗО, Питер Бен Ембарек, за Си-Ен-Ен изјави дека мисијата открила неколку знаци на поголемо ширење во 2019 година, вклучувајќи го и тврдењето дека првиот пат имало над десетина видови вируси во Вухан уште во декември. Тимот исто така имал можност да разговара со човекот за кој кинеските власти тврдат дека бил првиот заразен пациент, канцелариски работник во 40-тите години од животот, без историја на патувања. Тој на 8 декември пријави дека е заразен, наведува Си-Ен-Ен.

Бавното појавување на подетални податоци собрани на долгоочекуваното патување на СЗО во Кина може да придонесе за загриженост што ја изразија други научници кои го проучуваат потеклото на болеста, дека таа можеби циркулирала во Кина долго пред првото официјално појавување во средината на декември.

Ембарек, кој штотуку се врати во Швајцарија од Вухан, за Си-Ен-Ен изјави дека „вирусот во декември веќе нашироко циркулирал во Вухан, што е ново откритие”.

Специјалистот за безбедност на храна на СЗО додаде дека кинеските научници му презентирале на тимот 174 случаи на коронавирус во и околу Вухан во декември 2019 година. Од нив, 100 биле потврдени со лабораториски тестови, рече тој, а други 74 со клиничка дијагноза на болеста од симптомите на пациентот.

Ембарек рече дека е можно овој поголем број – веројатно потешки случаи кои кинеските лекари рано ги забележале – да значи дека болеста можела да погоди околу 1.000 или повеќе луѓе во Вухан тој декември.

– Од тогаш не сме направиле никакво моделирање. Но, знаеме … Според големите бројки … Од заразената популација, околу 15 проценти завршуваат со тешки случаи, а огромното мнозинство се благи случаи, рече тој.

Ембарек рече дека мисијата – составена од 17 научници на СЗО и 17 Кинези – го прошири видот на генетскиот материјал на вирусот кој го испитуваа од раните случаи, што им овозможило да разгледаат делумни генетски примероци, не само целосни, рече тој.

Како резултат на тоа, тие првпат биле во можност да соберат 13 различни генетски секвенци на вирусот SARS-COV-2 од декември 2019 година. Секвенците, доколку се испитаат со пошироки податоци за пациентите во Кина во текот на 2019 година, може да дадат вредни индиции за географијата и времето на почеток на вирусот пред декември.

Ембарек рече: „Некои се од пазар … Некои од нив не се поврзани со пазарите”, што го вклучува пазарот за морска храна Хуанан во Вухан, за кој се смета дека играл голема улога во првото ширење на вирусот.

Откривањето на толку многу различни можни варијанти на вирусот може да сугерира дека тој циркулирал подолго од само тој месец, како што претходно сугерираа некои виролози. Овој генетски материјал е веројатно првиот физички доказ што се појавил на меѓународно ниво и ја поддржува таквата теорија, пренесува Си-Ен-Ен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот