„Свиркачите“ молчат затоа што никој не ги штити

Фото: Профимедиа

Недоволната промоција, немањето политичка волја, недоверба во институциите, но и потребата од соодветна заштита на пријавувачите се главните причини поради кои Законот за укажувачи ретко се користи. Ова е наведено во анализата на истражувачите Александар Писарев и Игор Илиевски, каде што е посочено дека речиси 80 проценти од институциите во земјава практично никогаш не слушнале дека постои таков закон, а само една третина од 16 одредиле лица за заштитено пријавување.

Истражувачите потсетуваат дека Законот беше донесен во 2015 година како резултат на Пржинскиот договор, неговата реализација требаше да почне во 2016 година, меѓутоа тој закон и по четири години е мртво слово на хартија.

Иако институциите се должни на секои шест месеци да поднесуваат извештај до Антикорупциската комисија, оти во спротивно им следува висока парична казна, сепак ниту тие го почитуваат законот, ниту некој ги казнува. Како пример за непочитување на законот, во истражувањето на Центарот за стратешки истражувања се спомнува случајот со просветниот инспектор кој укажа на злоупотреби во Тетовскиот универзитет, во кои наводно се вмешани и министри на ДУИ. Наместо да биде заштитен, укажувачот беше даден на дисциплинска комисија, а неговиот идентитет беше веднаш откриен. Ваквите постапки, велат стручњаците, ги демотивираат луѓето да пријавуваат корупција, иако бројките се алармантни.

Недоверба во институциите

Истражувачот Александар Писарев објаснува дека постојат четири главни институции задолжени за реализација на Законот за укажувачи – Антикорупциската комисија, Јавното обвинителство, Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи. Од нив, единствено Антикорупциската комисија активно се вклучила во реализација на Законот.

– Волјата кај институциите не е доволно изразена за да почне да се реализира Законот за укажувачи. Второ, ние речиси 10 и повеќе години живеевме во една заробена држава каде што граѓаните беа обесхрабрени, исплашени што било да направат, така што сега е многу тешко за еден релативно краток временски период да ја вратите довербата на народот во институциите. Значи, граѓаните сè уште не веруваат доволно во институциите на системот и сметаат дека тие лично не можат да направат ништо – вели Писарев.

Тој додава дека на граѓаните уште не им е јасно дека секој човек практично може да биде пријавувач и дека би требало да биде максимално заштитен неговиот интегритет.

– Имавме прилика пред неколку месеци да видиме дека човекот којшто пријави неправилности во Тетовскиот универзитет практично настрада и апсолутно не беше заштитен, па дури се соочи и со санкции. Токму поради тоа ЕУ и ЕК подготвуваат за идната година сериозни измени, бидејќи генерално не само во Македонија, законот тешко функционира и во регионот. Европската комисија затоа предлага за идната година да се обезбеди максимална заштита на пријавувачи, односно пријавувањето да биде анонимно, а институциите да имаат посебен канал во кој ќе се спроведува заштитено пријавување – вели Писарев.

Цунами од пријави

Откако е донесен Законот за укажувачи во 2016 година, па сè до годинава немаше ниту една пријава од укажувачи, вели Софка Пејовска Дојчиновска од Антикорупциската комисија. По првпат во 2019 година биле примени 19 пријави од укажувачи по кои веќе се постапува.

– Законот пропишува санкција за сите институции кои нема да овластат лице за внатрешно пријавување корупција, а има и одредба според која доколку нема овластено лице, тогаш одговорно е првото лице на институцијата.

Граѓаните сериозно се загрижени за начинот на вработувањата во јавната и во државната администрација. Граѓаните претходно немале доверба да пријавуваат корупција, бидејќи за неполна година од формирањето на Антикорупциската комисија има цунами од поднесени пријави од граѓани со сомнежи за корупција или судири на интереси – истакна Дојчиновска.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, откри дека најголемиот број претставки и најголемите можности за корупција ги има кај социјалната заштита, кај барањата за инвалидски пензии и при посвојувањата.

– Малку зборуваме за корупцијата во образовниот процес. Недостигаат програми за ваков тип едукација на населението – нагласи Царовска.

Според заменик-министерот за здравство Арменд Арслани, во Министерството нема пријави за корупција, иако има конкретни поплаки за работењето на лекарите.

Арслани истакна дека не се пријавува корупција иако постои државен Здравствен и санитарен инспекторат и пријавите од граѓаните се однесуваат на лекувањето или поради незадоволство од лекарите. На дежурниот телефон „Мој термин“ досега немало ниедна пријава за корупција.

Танасоски: Расте процентот на пријави за корупција во Царина

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, вели дека со дигитализацијата на царинските постапки превентивно се постапува во борбата против корупцијата. Бројот на пријави за корупција во 2018 година бил зголемен за 39 отсто во споредба со 2017, а во првото полугодие од 2019 година бројот на пријави за корупција е зголемен за 31 отсто.

– Најчесто предмет на пријавување е оддолжувањето на царинските постапки за да се има влијание и да се добие некој вид надомест, пари или услуга. Самата должина на постапката навестува дека некој сака од некого нешто да извлече. Во некои истражувања, на 21 отсто од учесниците во царинската постапка им е добро да има корупција, односно за нив е прифатливо да остане коруптивното дејство бидејќи така ги завршуваат работите полесно и остваруваат корист – нагласи Танасоски.

МВР: Внатрешното „свиркање“ е на ниско ниво

Помошникот министер за внатрешна контрола, Дејан Андонов, информираше дека во Министерството за внатрешни работи постои лице овластено да прима пријави од граѓаните.

– Сè уште постои тој ѕид на солидарноста помеѓу вработените во МВР и затоа внатрешното укажување е на многу ниско ниво. Сè уште не се охрабрени тоа да го пријават – рече Андонов.

Тој информираше дека граѓаните најчесто пријавуваат непрофесионално постапување на полициските службеници, а најчесто се однесува на сообраќајната и на градежната полиција. Во првите девет месеци од 2019 година имало 279 кривични дела за корупција, а пријавени се 454 сторители. Во 2017 година внатрешната контрола во МВР поднела 355 иницијативи за утврдување дисциплинска одговорност против вработени во МВР, во 2018 година – 338, додека за 11 месеци во 2019 година тој број е 302 иницијативи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот