Трите апории на бројот еден

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Првата апорија има библиско потекло и е лоцирана во Стариот завет од Светото писмо, во петтото поглавје од Првата книга Мојсеева, втората произлегува од познатиот роман на големиот француски писател Александар Дима, што авторот несреќно и сосем несфатливо го нарекол „Тројцата мускетари“, а третата апорија датира од Втората светска војна и по чудниот и неспознајлив тек на случајот таа е повторно врзана за Франција.

Иако одамна ја имам напуштено математиката како дисциплина во која се снаоѓав одлично како млад, во која дури се чувствував поинтимно и побезбедно отколку во повеќе други области на животот, некои сложени и вечни математички апории ми останаа како раски в око, да живеам со нив не можејќи да се навикнам на нив. И еве, како што решив да ги споделам овие тешки нумерички проблеми, веќе чувствувам олеснување од деценискиот товар што веќе втиснал длабоки белези врз моите мозочни плеќи. Останува, се разбира, проблемот како да ги презентирам езотеричните лавиринти на начин разбирлив и за луѓето без високо математичко образование и посебни таленти и знаења, а воедно да му погодува и на форматот на ова мое писание. Значи, животот го поминав притиснат од три нерешливи математички проблеми, што денес ќе ги растоварам пред вас.

Првата апорија има библиско потекло и таа е лоцирана во самите корени на Стариот завет од Светото писмо, во петтото поглавје од Првата книга Мојсеева, каде што е Родословот на патријарсите од Адама до Ноја. Елем, кога родословот ќе стаса до Матусал (исто така познат и под името Метузалем), Светото писмо зборува за неговиот пословично долг животен век: „Матусал, пак, поживеа сто осумдесет и осум години, и го роди Ламеха; па, откако го роди Ламеха, Матусал живееше уште седумстотини осумдесет и две години, раѓајќи синови и ќерки; а сите денови од животот на Матусала беа деветстотини шеесет и девет години; потоа умре“.

Се разбира дека во првите 99 читања на Светото писмо не забележав ништо нелогично или проблематично, но математичката апорија, ко сврдел пробивна и ко сврабеж упорна и додевна, го најде својот пат до површината на мојата свест и оттогаш веќе не ми дава мира. Не мачете се, почитувани читатели, да го решите проблемот, но мое е да ги растоварам сопствените бисаги: ако додека да го роди Ламеха истерал 188 години, а потоа Матусал одживеал уште 782, тогаш со каква божествена математика сите денови од животот на Матусала броеле 969 години – како што пишува во Светото писмо – а не 970 колку што ние смртниците умееме да собереме? Каде исчезна цела една година од животот Матусалов? Разбирам дека нивото на математичката сложеност на проблемот ја надминува и пригодата и формата на овој запис, но мојот товар е веќе споделен со милионите Македонци кои оваа загатка од денес ќе ја носат со себе низ времето што наидува, како што избраните меѓу нас тивко и трпно ја носеа еве веќе 2000 години до денешни деној.

Вториот нерешлив проблем со фундаменталната математика не е толку древен како старозаветниот, но 179-те години од неговото турбулентно егзистирање го наруши мирниот сон на милијарди луѓе пред да ја опседне мојата млада и чувствителна личност. Да не должам (иако прстите ми треперат и се потат додека вознемирен пребирам по тастатурата), апоријата произлегува од светски познатиот роман на големиот француски писател и романтичар Александар Дима; роман што авторот несреќно и сосем несфатливо го нарекол „Тројцата мускетари“.

Знам, вие се прашувате што би можело да биде нерешлив математички проблем во една општопозната сторија која се чита со леснотија и со интерес и во школските лектири. Но, напрегнете ја својата концентрација и обидете се да одговорите на следниот математички проблем: кој андрак го навел Дима својот најпознат роман да го нарече „Тројцата мускетари“, кога сите што го прочитале романот, исто како и непрегледната маса на оние што не го прочитале, знаат дека романот ги раскажува авантурите на четворицата мускетари?! Кој не ги памети нивните имиња: тоа беа Д`Артањан, Атос, Портос и Арамис, и верувајте ми дека и по неброено многуте внимателни пребројувања, бестрашните и весели мускетари повторно и повторно го даваат истиот резултат – 4. Како исчезнал еден цел иконичен и неповторлив мускетар од насловот на романот? Апоријата не е решена до ден-денес, а фактот што истата единица мистериозно исчезна и од житието на Метузалем воопшто не ѝ го олеснува проблемот на возбудената заедница на светски математичари.

Третата апорија е најмлада од сите три, и таа датира од Втората светска војна, а по чудниот и неспознајлив тек на случајот, како и траорната мистерија на исчезнатиот мускетар, таа е повторно врзана за Франција. Изложувањето на третиот нерешлив математички проблем за илузивната единица мора да отпочне со некои основни факти за најголемата од сите војни. Елем, војната почнала со германската инвазија на Полска на 1 септември 1939 година, а официјално два дена подоцна, кога Франција и Велика Британија ѝ објавиле војна на Германија. Потоа, до 22 јуни 1941 година, кога војната ги доби своите континентални димензии со германската инвазија на Советскиот Сојуз, Германија ја беше во целост обединила Европа под своја стега или чизма, и тоа: што со вчленување на земјите во Тројниот пакт, што со нивна окупација, а некои со неутрален статус што се плаќал со полна индустриска, трговска и логистичка поддршка на воените напори на Хитлерова Германија.

И така, по германската инвазија на Советскиот Сојуз, на европскиот континент против фашистичката коалиција се бореа две земји сојузнички – Велика Британија и Советскиот Сојуз. А, во декември 1941 со германското објавување војна на САД и јапонскиот напад на Перл Харбор, војната станала и официјално светска војна која пред сè ги вовлекла во судирот и Соединетите Американски Држави. И тука, во текот на најголемите битки (на Источниот фронт) што светот кога и да е ги видел, почна да се кова и нашата трета апорија во која бројот 1 мистериозно го менува своето место и на чуден начин како да е во резонанца со мускетарската мистерија.

Но, да не пребрзувам, не пред да фрлиме светло на улогата на Франција во војната. Девет месеци по објавувањето на војната, на 10 мај 1940 Германија го почнала воениот поход на западноевропските земји Белгија, Холандија, Данска, Норвешка и Франција, што завршил со капитулација на сите без борба или по неколку дена или недели отпор. Како и да е, Франција потпишала капитулација на 22 јуни 1940 година, и од тогаш па до нејзиното ослободување од страна на американско-британските инвазиони војски во септември 1944, Франција била поделена на два дела, од кои атлантскиот под директна окупација на Германија, а средоземниот како вазална фашистичка француска држава.

И, да скратам, од летото четириесеттата до крајот на летото четириесет и четвртата година, практично целата Втора светска војна, Франција – со сиот свој огромен индустриски, воен и производствен капацитет – беше на страната на фашистичката алијанса полнејќи ги едрата на Хитлеровата милионска војска во невидениот колеж на луѓе што се случувал на територијата на Советскиот Сојуз. Не мал детаљ претставува податокот дека во Хитлеровиот поход на исток наречен „Операција Барбароса“, (инаку, најголемата копнена инвазија во историјата), од вкупниот машински парк што го овозможил секавичниот напад, француските камиони, воени и борни коли и оклопни транспортери, зафаќаа околу 35 отсто од сите воени возила на германската солдатеска. Итн.

Јасна ви е апоријата, нели? Целата војна на европскиот континент против Хитлеровата солдатеска ја водеа три земји сојузнички – СССР, ВБ и САД. Но, кога војната заврши, а Германија безусловно капитулираше, на мистериозен и до денес на потполно необјаснив начин како земји победнички се појавија 4 држави, наброените три и Франција, која од вазална фашистичка творба што во Втората светска војна учествуваше на страната на силите на оската наеднаш – во манирот на несфатливите квантни скокови – се најде како четврта земја победничка.

Ах, таа лажлива, илузивна и квантно нестабилна единица, што е во среде на сите мои апории! Но, проблематичната сметка не завршува во далечната победничка 1945, туку повторно ги ниша самите темели на математиката и во овие наши денови: оваа година во месец мај, кога западниот свет во Нормандија ја славеше победата во Втората светска војна, повторно се појавија само 3 земји победнички: овој пат на мистериозен начин исчезна Руската Федерација?! Па, како човек со чувствителна математичка интуиција, во вакви флуидни нумерички околности, да се осмели да стави глава на перница?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот