Светски ден за борба против СИДА: Пандемијата на ковид-19 со негативно влијание врз раната дијагностика на ХИВ

Светски ден за борба против СИДА
Светски ден за борба против СИДА / Фото: facebook.com

Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ во која се вклучени повеќе здруженија, денеска по повод 1 декември, Светски ден на борба против СИДА, информира дека и во услови на криза, граѓанските организации низ државата секојдневно спроведуваат теренски и стационарни услуги за превенција, за тестирање и за поддршка поврзана со ХИВ помеѓу клучните популации, предвидени со програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција.

– Покрај справувањето со ХИВ, како што се посочува, организациите прават и дополнителни напори за да ја стават постојната инфраструктура за ХИВ во функција на справувањето со ковид-19. Во тој контекст, преку задолжително информирање на корисниците за превенцијата и заштитата од коронавирусот и поддршка во искористувањето на постоечките владини мерки, обезбедување и дистрибуција на заштитна опрема за корисниците на услугите, доставување на редовна терапија за ХИВ до пациентите од другите градови, обезбедување на симптоматска терапија за корисниците за дрога, како и заштитна опрема и материјали, материјална помош во вид на храна, хигиенски производи, суплементи, лекови и облека за сексуални работнички, бремени жени и новороденчиња, истакнуваат од Платформата.

Дополнително, преку меѓународна поддршка, Платформата е во процес на обезбедување на донација од 10.000 брзи тестови за ковид-19, наменета за клучните популации.

– Околу 30 отсто од случаите на ХИВ во оваа година се откриени преку услугите од граѓанскиот сектор. Сепак, сè уште загрижува нискиот број на откриени случаи годинава, што е двојно помал од претходната година, што укажува дека епидемијата со ковид-19 негативно влијае врз раното дијагностицирање, што е клучно за успешното справување со ХИВ и за остварувањето на глобалната цел за ставање крај на епидемијата до 2030 година. Луѓето кои живеат со ХИВ и редовно примаат терапија, имаат недетектабилно ниво на вирусот во крвта, односно вирусот во крвта е намален до степен што не може да се детектира, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и кога не се користи заштита. Терапијата за ХИВ, всушност, претставува еден од најефективните начини на превенција на ХИВ, потенцираат од Платформата.

За да се одржи континуитет на услугите за ХИВ, од Платформата очекуваат Владата што побрзо да ги предложи до Собранието измените на Законот за здравствена заштита, со кои ќе се препознаат граѓанските организации како даватели на услуги од областа на јавното здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот