Светски ден на срцето- кардиоваскуларната болест е причина за смрт кај 47% жени и 39% мажи во Европа

На одбележувањето на Светскиот ден на срцето, Клиниката за кардиологија соопшти дека кардиоваскуларната болест е најголемиот убиец на светот.
– До неа доведуваат многу причини, почнувајќи од консумирање цигари, дијабетес, висок крвен притисок, до загадување на воздухот и други болести. Во 2019 година се забележани 17,9 милиони смртни случаи во светот како резултат на кардиоваскуларни заболувања, односно 32 отсто од сите смртни случаи глобално. Од нив, 85% како резултат на срцев или мозочен удар. Во Европа, кардиоваскуларната болест е главна причина за смрт и тоа кај 47% од жените и 39% од мажите, велат од Клиниката.
Петстотини и триесет милиони луѓе во светот живеат со кардиоваскуларна болест и за нив пандемијата ковид-19 беше уништувачка, додаваат оттаму.
– Нашите пациенти беа најподложни за развивање тешка форма на болеста предизвикана од вирусната инфекција, поради што многу од пациентите се плашеа да се јават на своите рутински и закажани контроли и се изолираа од своите семејства и блиски. Пациентите кои доживуваа срцев удар го одложуваа нивниот итен есенцијален третман, поради страв од заразување, предизвикувајќи нова јавна здравствена криза. Иако во моментов дел од Клиниката функционира и како ковид центар, со цел да ги третира пациентите со кардиоваскуларни заболувања заразени со ковид-19, останатиот дел на Клиниката работи со целосен капацитет, вклучувајќи голем број на коронарни интервенции, како и останати дијагностички процедури, потсетуваат од Клиниката за кардиологија.
Видео на денот